Премиерот Зоран Заев во вечерашното интервју на телевизија 1ТВ рече дека тој е свесен дека неговата политичка иднина е доведена во прашање со договорот со Грција, но дека тој не сакал да калкулира со цел да си ја зачува својата политичка кариера.
-Мојата политичка иднина е доводена во прашање комплетно. Сега таа е во раце на граѓаните и тоа е добро, граѓаните да одлучуваат за иднината на политичарите. Ама јас и ја обезбедив светлата иднина на Македонија со правна држава, силна економија и држава во која ќе има ред, рече Заев.
Тој во емисијата рече дека не е рамнодушен на критиките против него, но сепак мора да носи правилни одлуки.
-Ме боли секоја закана и извик за предавник. Се што имам ми е во Македонија. Потекнувам од бизнис семејство, имам дома се што ми треба, не можат да ме купат со пари, вели тој.
Тој во вечерашното интервју на телевизија 1ТВ рече дека сега Европа е должна да и испорача препорака на Македонија, бидејќи Македонија испорача многу повеќе од реформи.
-Дојдовме до тоа граѓаните да одлучат, еј граѓаните да одлучат за тоа каде сакаат да оди нашата Македонија. Нема план Б за Македонија, знаат и граѓаните и затоа се на НАТО и ЕУ. Сакаме да живееме на рамниште со западните земји каде владее правото, економијата блеска. Јас сум убеден дека граѓаните ќе ја донесат одлуката. За мене дополнителна мотивација ќе стигне ако НАТО и ЕУ ја испратат охрабробувачката порака кон граѓаните. Македонија не само што испорача реформи, туку испорача модели за решавање на спорови. Европа е должна да испорача. Убаво и претедателот на Франција да се охрабри, рече Заев.
Во однос на „кочницата“ од Франција, премиерот Заев рече дека Франција и претседателот Макрон се пријатели на Македонија, тие немаат проблем за Македонија, туку за проширувањето на ЕУ.
-Факт е дека ЕУ треба да се реформира а потоа да се отвори. Ние не бараме веднаш членство, туку датум за преговори. Македонија нема преговарачки тимови, сакаме да ги создадеме од најквалитетните луѓе во земјава. Знаеме дека следува референдум и уставни промени со успешен референдум , но тие мора да испорачаат, оти Македониа испорача – рече Заев.
Заев вели дека правните служби работат на решение доколку претседателот Ѓорге Иванов не го потпише законот за ратификација на договорот за името.
– Жалам што претседателот Иванов го пропушти моментот со тоа што вака ги позиционираше своите ставови. Јас знам дека после успешниот референдум должност е сите да се поклониме и да го поддржиме, кој со глас во Парламентот, кој со потпис. Се уште немам информација дали претседателот Иванов ќе го потпише законот за ратификација на договорот, но тој објави дека нема да го потпише и веројатно нема да потпише. Потоа Парламентот ќе треба повторно да го изгласа и после тоа е должен да го потпише. Јас очекувам таа должност, тој да ја исполни, истакна Заев и додаде дека правните служби работат на изнаоѓање на решение, доколку Иванов не потпише.
Според Заев, ваквата пракса на Иванов да не ги потпишува законите изгласани по вторпат, како што рече, теоретски може да значи дека нема не ги потпише и следните 178 закони од Собранието.
– Решение мора да има, точно е дека имаме време Грција да го испрати писмото во ЕУ и НАТО. Во договорот стоеше Парламентот да го ратификува договорот, а не и претседателот, рече Заев.
Извор:НоваТВ











