Следува недела на лобирања, убедувања и одлука

0
317

Известувањето од Грција до Европскиот совет и до генералниот секретар на НАТО со кои практично се одблокира евроатлантскиот пат за Македонија ќе бидат испратени в понеделник, соопшти вчера министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, кој потврди дека тие се веќе готови и ќе бидат потпишани в недела во Брисел.

 

На прес конференцијата вчера, на крајот од Конференцијата за стабилност и безбедност на грчкиот остров Родос, Коѕијас рекол дека минатиот петок, пред потпишувањето на договорот, без да биде обврзан, испратил писмо до генералниот секретар на НАТО, во кое го известил и ги поставил предусловите со кои треба да биде поврзана поканата за членство, односно оние услови што се предвидени во самиот Договор.

Советот на ЕУ за општи работи в понеделник и во вторник ќе го разгледува предлогот за почеток на пристапни преговори на Албанија и на Македонија. В четврток и петок е состанокот на шефови на држави и влади на членките на Унијата.

Холандија е „за“, останува уште Франција

Холандија и посебно Франција беа најгласни во отпорот на нивната јавност кон проширувањето на ЕУ.

Но по одлуката на холандскиот Парламент, во однос на Македонија, да и остават слобода на владата да одлучува, останува уште Франција да го омекне ставот до претстојниот Самит на ЕУ

Во меѓувреме во Брисел продолжуваат расправите помеѓу земјите-членки на ЕУ за одредување датум за старт на преговори со Македонија во Советот на ЕУ, каде Франција и натаму се противи тоа да се случи во јуни и покрај договорот со Грција. Иако засега во нацрт-заклучоците останува стартот на преговори со Македонија, битката не е извојувана, објави МИА повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.

Во обид да се убеди Франција, земјите членки прифатиле да се одреди условена одлука за преговори без временски рок кога конкретно тие би почнале, но ниту тоа не ги убедило Французите. Париз прифаќа да има „што попозитивен речник“ и охрабрувања за Македонија, но дека преговори во јуни не се можни. Став што им пречи на голем број земји членки, кои сметаат дека Македонија треба да биде наградена како за реформите, така и за договорот за името.

Меѓу најгласните во одбрана на старт на преговори е Бугарија, која до крајот на месецов претседава со ЕУ, и која исто така оценува дека преговори со Македонија во јуни ќе донесе и „престиж“ за нејзиното претседателство. Друга земја која турка за старт на преговори со Македонија е Австрија, која го презема кормилото на ЕУ од 1 јули.

Била спомената варијанта и преговори да се одредат во ноември годинава, велат изворите на МИА, што исто така не му е по вкус на бугарското претседателство, велат извори во Брисел.

Голем број земји-членки сметаат дека би било разочарувачки Македонија да не биде наградена по сите препораки на Европската Комисија и постигнатиот компромис со Грција околу спорот за името.

Германската Влада препорача отворање преговори со Македонија за членство во ЕУ. Во писмо упатено до Бундестагот, германската Влада оценува дека реформскиот биланс на македонската Влада говори во корист на почеток на преговори за членство во ЕУ на претстојниот Самит на Унијата следната недела.

– Одобрувањето (одредувањето датум за почеток на преговори) ќе биде вистинскиот позитивен сигнал за македонската Влада, која фокусирано го следи реформскиот курс наспроти политичкиот притисок од внатре и однадвор. Сепак, условеноста мора да биде задржана, се наведува во писмото што го пренесе Дојче веле на македонски јазик во кое се наведуваат и областите каде се потребни видлив реформски напредок.

ЕК и НАТО со поддршка

Во вчерашните реакции од ЕК и од НАТО, се истакнува дека обете инстиитуции веќе се изјасниле дека иднината на Македонија е во нивните редови.

Европската комисија се повика на овогодишниот извештај за Македонијаво кој се препорачува почеток на преговори за членство во ЕУ, но дека одлуката е во рацете на Советот на ЕУ.

 

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека на Самитот на Алијансата во јули се очекува Македонија да биде поканета за преговори за членство во Организацијата.

Повеќе на НоваТВ