За 11 часот е закажана собраниската седница на чиј дневен ред е Предлог – законот за ратификација на Конечната спогодба со Грција по скратена постапка.
Пратениците треба да ја изгласаат потребата за донесување на Предлог-законот за ратификација, по што за Спогодбата ќе се отвори дебата во Комисијата за европски прашања .
Поради европското знаменце на текстот на Предлог – законот се ограничува и времетраењето на дискусиите на Комисијата за европски прашања на три дена. По дебатата во оваа собраниската комисија, за Договорот се гласа и на пленарна седница. За да се ратификува, потребно е мнозинство од 61 пратеник.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој е претседател на собраниската Комисија за надворешна политика реагира на одлуката на Владата да го поднесe Договорот со европско знаменце.
-Ратификациите се законска надлежност на Комисијата за надворешна политика како матично работно тело во Собранието. Сѐ друго е кршење на законот, рече Милошоски.
Претседателот на Собранието Џафери вели дека очекува до петок договорот да биде ратификуван од Парламентот по што ќе биде пратен кај претседателот на државата Ѓорге Иванов.
На власта и се брза да го ратификува Договорот, поради заседанието на Европскиот совет кое е закажано на крајот на јуни, а на кое ќе се одлучува за датумот за почеток на преговорите со ЕУ.
Во Договорот за решaвање на спорот за името пишува дека по гласањето во македонското Собрание, грчката страна ги известува ЕУ и НАТО дека повеќе не го блокира интеграцискиот процес на Македонија и земјата може да добие датум за почеток на преговори и покана за членство во НАТО.
Протест во 11
Исто така за 11 часот е најавен протест пред Собранието против Договорот. Тој беше најавен на синоќешниот собир, што беше еден од низата што се одржуваат од постигнувањето на Договорот.
Вчерашниот, за разлика од тој ден пред тоа,помина во мирна атмосфера.
Извор:НоваТВ











