Власта свесно предизвика нереди, инциденти и потоа уште еднаш ја злоупотреби македонската полиција. Колатерална штета се недолжни граѓани, возрасни луѓе, новинари, жени, за жал и мали деца, изјави денеска на прес конференција Димитар Димовски од ВМРО-ДПМНЕ по вчерашните нереди пред Собранието.
„Настаните вчера пред Собранието беа дел од свесно и смислено сценарио исклучиво на власта. Зад таквото дело не стои друг туку самата власт. ВМРО-ДПМНЕ сакаат свесно да ја вовлечат во ова сценарио, за потоа да ја оцрнат и прикажат за радикален елемент, за да може пред меѓународната и домашна јавност да ја деградираат во борбата против капитулантското дело за промена на уставното името на Република Македонија од страна на Зоран Заев“, рече Димовски.
Според него, целта е „граѓаните да се дисциплинираат, исплашат и дистанцираат а Заев да се прикаже за конструктивен фактор“.
„Сакаат да го деградираат и правото на мирен протест кој секој еден од нас го има, вклучително и во иднина тоа да не се практикува. Сакаат граѓаните да ги доведат во една нова апатија, додека тие продолжуваат со понатамошното опустошувањето на државата. Всушност Зоран Заев посакува нов 27-ми април за да може подоцнa себе си да се прогласи прво за жртва, па потоа за наводен спасител“, изјави Димовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат народот да не потпаѓа, како што рече Димовски, на провокациите кои ги прават инсталациите на власта и да не бидат злоупотребувани во нивните дневно политички цели.
Претходно, Владата го осуди насилството, говорот на омраза и повиците за насилство од вчерашните настани. Од таму велат дека институциите нема да дозволат изолирани групи со насилство да го нарушуваат јавниот ред и мир за да шират атмосфера на страв и несигурност.









