Владата на Република Македонија ќе направи сè за да ги задржи младите лекари во државата, односно да се спречи напуштањето на земјата од страна на медицинскиот персонал, рече премиерoт на Р. Македонија, Зоран Заев, на панел-дискусијата „Инвестираме во младите лекари, иднината на здравството во Македонија“, јавува Anadolu Agency (АА).

Премиерот Заев истакна дека за жал, во минатото Македонија има изгубено многу талентирани и образовани лекари кои во потрага по подобри услови за работа, се иселија во различни земји од Европа и светот. Тој рече дека оваа практика треба да биде запрена, а на новите и на идните доктори присутни на панел-дискусијата им посочи дека на земјата ѝ треба нивното присуство.

Македонската Влада, рече Заев, одобрила предлог-програма за 2019 година, која се однесува на едукација на лекари и медицински персонал и на кофинансирање специјалисти, супспецијалисти и здравствени работници во приватните ординации.

„Како резултат на имплементацијата на оваа програма, пациентите ќе добиваат здравствени услуги по највисоки стандарди, младите доктори значително ќе се доусовршат со што навреме и прецизно ќе се дијагностицираат болестите. За оваа намена обезбедивме доволно средства во буџетот на РМ за следната година. Исто така, во програмата за работа на Владата за периодот 2017-2020, со низа мерки гарантираме дека ќе создадеме достапен, квалитетен и долгорочно финансики одржлив систем за здравствена заштита“, рече Заев.

Македонскиот премиер вети зголемување на платите како дополнителна мотивација за работа, и додаде дека до 2020 година платите на лекарите специјалисти ќе се зголемуваат постепено, за да достигнат 100.000 денари или 1600 евра.

„Со поголеми плати и подобри услови за специјализација и практично учење, ќе создадеме атмосфера поради која нема да сакате да заминете и ќе останете во Македонија. Тоа е наша желба, се надевам ќе остане и ваша желба“, рече Заев, според кој, само во Скопје има недостиг од 100 лекари, додека на целата територија на Македонија овој број е најмалку три пати повисок.

Од друга страна, министерот за здравство, Венко Флипче, рече дека задржувањето на медицинскиот персонал првично се прави преку зголемување на платите, зголемување на надоместот за ноќно работење, дежурство и прекувремена работа и подигање на квотите на државно ниво.

„Бројот и видот на специјализациите е креиран врз основа на проценките од терен, се очекува конкурсот да биде распишан во најголем дел во септември, а во помал дел на крајот од јуни. Со повисоки плати, поголема шанса за специјализација и подобрување на условите за специјализација целта е да се направи атмосфера во која лекарите и останатиот медицински кадар ќе изберат да останат дома“, рече Филипче.

По воведните говори, програмата продолжи со дебата во која младите доктори и специјализанти имаа можност да разговараат со премиерот Заев, министерот за здравство, Венко Филипче, пратеничката во Собранието на Република Македонија, Марија Лазарова, претседателот на Клубот на млади лекари, Никола Брзанов, и претседателот на Здружението на лекари специјалисти, Билјана Додева, за сите проблеми кои влијаат на нивниот професионален ангажман.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here