Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) ја отфрли кривичната пријава поднесена од организацијата Светски Македонски Конгрес (СМК) против премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, сооштија денеска од обвинителството.
– По преземените активности за проверка на наводите во пријавата, надлежниот обвинител утврдил дека во дејствијата на пријавените не се исполнети битните елементи на пријавените кривични дела, ниту пак на друго кривично дело кое се гони по службена должност, информираат од ОЈО Скопје.
СМК во април годинава поднесе кривична пријава против Заев и Димитров за сторени повеќе кривични дела – Повреда на угледот на Република Македонија, Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците, Велепредавство, Загрозување на независноста, Здружување заради непријателска дејност, Злоупотреба на службена положба и овластување и за кривичното дело – Самовластие.
– Истовремено, во пријавата на СМК се наведува дека двете лица сториле и кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За ова кривично дело надлежно е обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Поради тоа, кривичната пријава е препратена на постапување во ова јавно обвинителство, велат од ОЈО Скопје.
На 21 мај 2018 година кривична пријава против премиерот Зоран Заев покрена и партијата Левица за кривичното дело – Загрозување на независноста.
ОЈО Скопје уште информираше дека е поднесен обвинителен акт против седум луѓе во предметот за најголемата лабораторија за производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа. Поради постоење на опасност од бегство на сега веќе обвинетите, надлежниот обвинител предложил и продолжување на мерка притвор за сите обвинети.
Извор:НоваТВ









