Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска и утре во Њујорк, ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во присуство на личниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц, соопштија од македонското МНР.

Во пресрет на новата рунда разговори за името, од македонската Влада потврдија дека остануваат на ставот во однос на последниот предлог за името – Република Илинденска Македонија.

– Ставот на Владата што го пренесоа премиерот Заев и министрите Шеќеринска и Димитров останува ист. Сметаме дека дадениот предлог од наша страна по лидерската средба ги одразува севкупно сите аспекти што се потребни за да се заштити идентитетот, и на македонскиот народ, меѓутоа ги одразува и сите останати делови кои ја обележуваат Македонија како мултиетничка држава. Сметаме дека тоа е добар предлог за конечно решение, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера на прес-конференција одговарајќи на прашање какви се очекувањата од средбата во Њујорк.

Грчката страна, пак, го отфрли предлогот и јасно стави до знаење дека преговараат врз основа на четирите имиња од пакетот – предлози од Нимиц. Премиерот Алексис Ципрас од грчкиот Парламент, одговарајќи на критиките упатени од лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, му возврати дека владата јасно и навремено излегла со став, а лично тој се стремел кон што е можно побрзо информирање.

– Од Софија, пред да се вратам, во моите изјави на прес – конференцијата реков дека, и покрај напредокот, уште имаме пат да поминеме за да имаме договор, но и дека приоритет за нас, за грчката страна, е обезбедување ерга омнес и уставна ревизија, и како што видовте за ова прашање имавме важен напредок. Господинот Заев е првиот премиер од соседот што јавно ја прифати оваа перспектива за сложено име, ерга омнес со уставна ревизија, рече грчкиот премиер.

Во меѓувреме, шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, деновиве се наоѓа во посета на САД и се сретнал со советникот за национална безбедност на американскиот претседател Џон Болтон, со новиот американски државен секретар Мајк Помпео, како и со помошникот државен секретар Вес Мичел.

– Во скопското прашање немаме никаков притисок, ниту некој има намера да не притиска. Никогаш нема да дозволиме да нѐ притискаат. Но, многу се интересираат за решение и се обидуваат да разберат каде се наоѓаат преговорите и кои се тешките точки, рече Коѕијас

Охрабрување за постигнување решение за името дојде и од вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД, Метју Палмер кој вчера во Скопје, на средба со премиерот Заев, ја реафирмирал поддршката на Вашингтон кон процесите кои ги реализира Владата за интеграција во НАТО и во ЕУ.

Германската канцеларка Ангела Меркел, завчера телефонски разговарала со премиерите на двете земји. Во разговорот со Заев таа дала поддршка за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот околу името.

Од француската Амбасада соопшитја дека официјален Париз, исто така, ги поддржува напорите на двете земји за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за името.

– Во периодот кога разговорите се во многу напредна фаза, Франција ги охрабрува властите на двете држави да ја задржат својата решителност за склучување на долгоочекуваниот договор. Ова е во интерес на двете земји, на регионот и на Европа, се наведува во изјавата на портпаролот на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Ањес фон дер Мил.

Опцијата Република Илинденска Македонија беше издвоена како најприфатлива на преговорите меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, што се водеа минатата недела на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија.

Извор:НоваТВ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here