Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски рече дека денес на лидерската средба за првпат се информирани дека името „Република Илинденска Македонија“ е за севкупна употреба, а тоа како што рече, подразбира промена на Уставот на РМ.
„За предлогот ќе ги информираме органите на партија, иако ВМРО ДПМНЕ останува на ставот дека не поддржува промена на Уставот на РМ. Егзибиционистички е направена промената, ЕУ и НАТО да, но траекторијата е различна. Денес за првпат сме информирани со предлогот, тоа е име за севкупна употреба што подразбира промена на Уставот на РМ. Ќе ја информираме јавнсота за нашиот став по предлогот кој го слушнавме денес“, изјави Мицковски по завршуваше на лидерската средба.
Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, пак бара на писмено да го добие она што досега е разговарано во преговорите со Грција, а потоа ќе се изнесе во однос на предлогот кој денеска по лидерската средба го објави премиерот Зоран Заев како можно решение, Република Илинденска Македонија.
Не сакаше да изнесе ниту личен став како граѓанин на Македонија, а не како институција Претседател во однос на тоа дали предлогот е достоинствен и повтори дека ќе го бара предлогот на писмено.
„Првпат сме информирани за некои работи. Првпат ги слушнавме усно се пренесни и очекувам за сите предлози да добиеме писмен документ. На овој состанок не изградивме став, само ги добивме информациите. Очекуваме во иднина да не бидеме селективно информирани, туку целосно да имаме увид за да знаеме за кои прашања се разговара“, рече Иванов.
Нагласи дека процесот мора да се води во рамка утврена од ОН.
„Кој било предмет треба да биде разгледан и од експерти од меѓународното право и меѓународни односи, затоа што во минатото видовме недоследност од грчка страна“, додаде Иванов.










