Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, која престојува во неколкудневна официјална посета на САД, денеска во Вашингтон ќе се сретне со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, што ќе биде прва официјална билатерална средба со секретар за одбрана на САД по повеќе години. Тајмингот на средбата не е случаен, а тоа Шекеринска и самата го потврди пред заминувањето во САД.
„Средбата со секретарот за одбрана Матис се случува во клучен период, два месеца пред Самитот на НАТО. Тоа е извонредна шанса да покажеме колку членството во НАТО е важно за Република Македонија, и да покажеме дека тоа носи вредности и за земјите-членки на Алијансата. Со американскиот секретар за одбрана ќе разговараме за нашето стратегиско партнерство, за одбранбените реформи, но и за сите оние работи коишто Македонија може да ги понуди на НАТО, во смисла на зголемена безбедност во регионот и на европскиот континент“, најави Шекеринска.
Таа истакна дека во последните десет месеци Владата секојдневно работи за да ја врати довербата на македонските граѓани во државата, но и да ја врати довербата што странските партнери ја имале во Република Македонија.
„Покажавме дека она што Македонија го ветува – го исполнува. Ова е шанса да покажеме дека Република Македонија заслужува да стане членка на НАТО“, вели Шекеринска.
Извор:НоваТВ










