Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, денеска се обрати пред Националниот совет за евроинтеграции, каде се разгледуваше Извештајот на Европската комисија.
Селмани рече дека сите се согласни дека има напредок во споредба со претходната година, но дека сме далеку од сериозни реформи во медиумите. Тој истакна дека главна забелешка е политиката на неказнивост на нападите на новинари „Најзначајната порака, што ни ја праќа ЕК преку овој извештај е нулта толеранција кон физичките и вербалните напади на новинари. Во слободни и демократски земји нема место за тепање и за заплашување на новинари, а кога до тоа сепак ќе дојде, институциите мора да имаат капацитет да водат ефикасни истраги за откривање и казнување на насилниците“, рече Селмани.
Според него, ЕК ја препознала потребата за длабока реформа во Македонската радио телевизија, особено во делот на институционалната и уредувачката независност.
„Не може да се зајакнат капацитетите на МРТ со помалку пари. Ако се усвојат измените на ЗААМУ, јавниот сервис ќе има пет милиони евра помал буџет во споредба со 2016 година. Нашата дилема е како со помалку пари јавниот сервис ќе треба да отвори уште два нови телевизиски канали и еден радио канал со програма од 24 часа“, рече Селмани. Тој уште еднаш посочи дека доколку оваа година МРТ не стартува со ист буџет од 2016 година, нејзината мисија ќе биде невозможна.










