Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и премиерот Зоран Заев денеска, од истата сала каде на 27 април 2017 се случи крвавиот четврток, една година подоцна порачаа тоа никогаш да не се повтори.

Џафери рече дека ќе беше погрешно да има напишан говор, бидејќи и вечерта пред една година немал напишан говор, туку го кажал она што извирало од него

– После година дена првпат влегувам во прес центарот и го имам истото она чувство и се присетувам на ситуација кога во еден момент треба да мислам за живот или смрт. Ситуација кога маса граѓани насилно влегуваат и мислиш дека според она што е поставено системски не може да се влезе во Собранието, колку и да има луѓе однадвор. Чувството дека некој одвнатре тоа го прави е уште потешко. За жал, дознавме дека тоа одвнатре го прават наши колеги кои делат иста судбина и јадат ист леб. За жал, дел од тие кои беа и се обврзани да ги обезбедуваат животот и работа на пратениците и на службениците во Собранието не беа на нивото на својата задача, рече Џафери.

Како претседател на Собранието, сепак, и тогаш и повторно по една година, рече дека им простува на сите што не биле на нивото на задачата.

– Јас можам да им простам на сите што не беа на ниво на задачата само заради тоа да паметат дека оттогаш и натаму никогаш и никој да не го повтори тоа. Наши колеги го правеа тоа. Нема да дозволам да се повтори такво нешто. За разлика од тогаш, денеска вратите на Собранието се физички сами отворени за сите добронамерници кои сакаат да не посетат и да не упатат во она што треба да биде наша обврска, рече Џафери.

Премиерот Заев рече дека нападот на 27 април во Собранието „не беше напад против нас туку против демократијата, тоа беше повеќе од криминал“.

Заев кажа дека се уште не може да прифати дека некои од оние што влегоа во Собранието тој ден биле подготвени и за ликвидација на некои припадници во Собранието.

Премиерот потенцираше дека мора да има правна разрешница на случајот и дека, сепак, овој настан ги поттикнал уште повеќе реформите.

За насилствата на 27 април, се води постапка за обидот за убиство на Зијадин Села во Кривичниот суд . И денеска, точно на годишнината од случувањата на 27 април минатата година, се одржа рочиште. За овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини.

Извор:НоваТВ/Фото:МИА

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here