Општина Дебарца не дава согласност за изградба на регионална депонија на нејзината територија стравувајќи од загрозување на животната средина. Од Министерството за животна средина велат оти, според студиите, тоа е најсоодветна локација за изградба на стандардизирана депонија за Југозападниот регион.

Неприфатливо е да биде изградена депонија за потребите на Југозападниот регион во сливно подрачје на Охридското Езеро, на десетина километри од заштитената зона од УНЕСКО, вели градоначалникот на општина Дебарца Зоран Ногачески во разговор за РСЕ.

Од Министрството за животна средина и просторно планирање наведуваат дека планираната регионална депонија во општина Дебарца ќе биде изградена според сите стандарди, но Ногачески во тоа се сомнева. Тој вели дека во европските земји таквите постројки се изградени во близина на урбани центри или во предградија.

„Кај нас ваква постројка се лоцира на 50 километри од првиот урбан центар, во чиста животна средина. Тука сепак има разлика од технологија до технологија, бидејќи сумата со која се лицитира за Дебарца, од 30-тина милиони евра, е далеку од некоја технологија која би значела некое решение кое не би имало последици на една таква животна средина“, вели Ногачески.

Од Министерстовото за животна средина објаснуваат дека за локациите на регионалните депонии во Македонија се направени студии и оти, според нив, е утврдено дека Дебарца е најсоодветна за изградба на регионална депонија, за општините во Југозападниот регион.

Советот на општина Дебарца во минатата недела соопшти дека не ја прифаќа владината одлука за давање согласност за основање на регионална депонија за Југозападниот плански регион. Советот наведе дека во целост ја почитува одлуката на граѓаните на Дебарца изразена на референдум против предложеното решение.

На прашањето како општината планира да го реши проблемот со отпадот и со постоечките диви депонии, Ногачески истакнува дека тие не се протиов проектот на Министерствотото за решавање на проблемот со отпадот преку регионален пристап, но според него документите за изградба на депонијата се донесени во нетранспарента постапка и бараат нова дебата за прашањето.

„Бидејќи во првиот документ кој го изработи консултатнтот избран од Министерството за животна средина, во Регионалниот план за управување со отпад, беше посочена локацијата на напуштениот рудник за лигнит во Осломеј. После тоа доаѓа до промена на локацијата“, вели Ногачески.

Од Министерството за животна средина уверуваат дека имало јавна дебата за прашањето. Оттаму се очекува да ги соопштат следните чекори во однос на решавањето на прашањето.

Повеќе на РСЕ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here