Постои „џентлменскиот договор“ меѓу САД и повеќето европски земји дека Алијансата нема да се шири кон исток па проширувањето на НАТО е грешка, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, во интервју за српската новинска агенција „Бета“, одговарајќи на прашањето што мисли за очекуваното пристапување на Македонија во НАТО.
– Ние постојано ги советуваме нашите колеги од НАТО дека оваа линија, а веќе има три бранови на експанзија, а сега се подготвува уште еден, не го поткопува само она што е договорено во 1990 години, туку е сериозен предизвик за заедничката европска стабилност и безбедност. Обидите се континентот да се подели на два дела. Обидите се овие линии на поделба да се преселат на Исток, поблиску до нашите граници, вели Лавров.
Министерот за надворешни работи на Русија нагласува дека ваквата политика предизвикува огромна штета на напорите за обезбедување стабилност и безбедност на европскиот континент.
– Ништо што сега се прави во НАТО не ја зголемува безбедноста, вклучувајќи ја и безбедноста на балканските држави, кои, впрочем, не ја загрозуваат безбедноста на Русија. Ништо од она што се случува сега не е чекор кон подобрување на способноста на НАТО да одговори на вистинските, а не на измислените закани. Не гледам како овие три бранови на проширување го направија НАТО поспособен, на пример, во сузбивање на терористичките и заканите од криминалот со дрога, вклучувајќи ги и оние што потекнуваат од Балканот, каде што, по апсолутно неоправданото, нелегитимно, унилатерално прогласување независност на Косово, беше создадена територија како пример за корупција, што се нарекува “црна дупка”, вели Лавров во интервјуто.
Извор:НоваТВ










