Јас сум Македонец и тоа чувство не може никој да ми го земе, рече Заев на комисиската расправа за последниот амандман

by Administrator

Собраниската Комисија за уставни прашања ја почна расправата за четвртиот и последен нацрт-амандман, односно за амандманот 36 со кој се предлага да се замени членот 49 од Уставот, што произлегува од потребата за имплементација на Договорот од Препа меѓу Македонија и Грција.

Со нацрт-амандманот, како што појасни премиерот Зоран Заев, се предлага и се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ, како и заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината. Во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. Тоа се прави на начин кој нема да предизвика нови кавги и проблеми со соседите, туку ќе гради трајно пријателство.

– Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со кој треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската унија и НАТО. Согласно  Договорот, Република Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот да не може или не треба да се толкува на начин што претставува или кога било ќе претставува основа за мешањето во внатрешните работи на другата држава во каква било форма или за каква било причина, вклучително и заради заштита на статусот и правото на кој било лица кои не се нејзини граѓани, рече премиерот Заев.

Со новата формулација на членот 49, потенцира, се даваат гаранции за заштита на македонскиот идентитет.

-Идентитетот на македонскиот народ е заштитен. Нема да има никакви промени во идентитетот. Се внесува обврска во Уставот за заштита и негување на македонскиот идентитет. Овој став е на предлог на новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Драго ми е што доаѓа вака надополнет зашто во последните неколку месеци тоа беше една од најотврените точки за дебата во земјава. Со тоа го затвораме и ова прашање со уште еднаш гарантирање на македонскиот идентитет во Уставот, рече Заев.

Нагласи дека внесувањето во Уставот на дополнителна заштита на македонскиот идентитет не е на сметка на другите заедници, бидејќи во членот 48 веќе има силни гаранции за идентитетот на заедниците.

Со уставните амандмани, како што кажа, решаваме 2,5 децениски спор за да ја извлечеме нашата земја од стегите на изолацијата.

Претникот Фадил Зендели од БЕСА рече дека дијаспората не е само македонска, туку е и на другите етнички заедници.

Повеќе на:fokus.mk

You may also like