Министерот за здравство Венко Филипче рече дека побарале помош од правната служба на Собранието во издавање и доставување на решенијата за изолација на лицата на граѓаните кои одбиваат да примаат решенија, затоа што инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат секојдневно се соочуваат со такви проблеми.
„Се соочуваме со проблеми околу решенијата. Некои одбиваат и затоа што решенијата не се двојазични, но има други најразлични причини зошто не ги примаат решенијата. Потоа даваат грешни информации, грешни адреси, грешни телефонски броеви и тоа навистина ја отежнува работата. Побаравме помош од Собранието од правната служба за издавање и го разгледуваме законот за управна постапка и размислуваме јавно да ги објавуваме лицата кои се во изолација. Тоа многу брзо ќе го решиме“, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Филипче вели дека има доволно кревети во здравствените установи, затоа што и покрај зголемениот број на новозаболени од КОВИД-19, само 14 проценти од нив се хоспитализирани, а 86 проценти се асимптоматски или имаат лесна клиничка слика. На инфективните одделенија во земјава вкупно хоспитализирани се 318 пациенти.
Филипче рече дека целосно е слободен капацитетот на монтажната болница, во Градската општа болница „8 Септември“ каде има близу 400 кревети, а зафатени се над 113 кревети. На Инфективната клиника во изминативе 24 часа нема нови приеми, а вкупно се хоспитализирани 95 пациенти. На кислородна поддршка се 37 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
SDK
