Автопатите што треба да ги гради Бехтел и Енка, уште не почнати, се соочуваат со скандали. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали. Но и покрај сомнежите од медиумите и од опозицијата за компаниите избрани за надзор, Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот.
Владата напладне на 8 март го потпиште договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за изградба на автопатите Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, од Коридорите 8 и 10.
За изградба на 108 километри пат, во рок од 57 месеци, Владата треба да одвои 1,3 милијарди евра. За годинава веќе се одвоени 244 милиони евра. Сумата од над милијарда евра е само за изградба на патиштата, во овие пари не е пресметана експропријацијата на имотите што ќе ги зафати трасата. За таа цел се предвидени уште 300 милиони евра. Одземањето на имотот се уште не е почнато, ниту пак е почнато со проектирање, тоа ќе се правело дел по дел, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.
„Од денеска одма ќе се ангажираат проектантски фирми. Кога работевме како досега со готов проект, па после реализација, ги имавме сите овие проблеми со градење на автопатишта и затоа од Кичево до Охрид изградбата ни трае 10 години“, вели Рустеми.
Властите не се поколебаа по низата пишувања во медиумите и обвинувања од опозицијата, дека фирми дел од конзорциумот избран да врши надзор на изградбата биле вмешани во скандали и за еден човек има и отворена истрага во Ерменија.
„Сè било според закон и транспарентно“, тврдат властите. А ако некој има сомнежи да ги пријави во Јавно обвинителство.
„Кај нас главна тема е дали некој, некаде во друга држава имал кривична пријава, па ако има кривична пријава, веднаш да му се поднесе и тука кривична пријава и нека го провери обвинителството“, рече на 8 март премиерот Димитар Ковачевски.
За изградба на автопатите беше заобиколен Законот за јавни набавки, и беше донесен нов закон за договор во „четири очи“. На Уставен суд падна член од законот поврзан со работнички права. Еден обид за избор на надзор на изградбата пропадна, откако победи фирма на која ѝ најдоа „руска врска“. На вториот тендер, пак, победи конзорциум што се доведува во врска со корупциско – дипломатски скандал.
Повеќе на РСЕ
