Доби три години затвор бидејќи како директор на УБК и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ во 2013 за време на локалните избори го искористил своето влијание и моќ и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица.

Пресудата ја слушна мирно и без реакција. Но најголема казна доби поранешниот член на ДИК Бедредим Ибраими – 4 и пол години, Тачи не дојде да ја слушне пресудата од 3 години и 2 месеци затвор.

Додека по три години затвор добија и тогашните членови на ДИК Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска. Изрекувајќи ја пресудата, судијата Огнен Ставрев рече дека освен на буџетот, нанесена е штета и на правниот систем во корист на партиски интереси.

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи задоволна од пресудата веднаш побара притвор за Мијалков сомневајќи дека ќе избега но и стравувајќи дека Врховен може да му го укине куќниот притвор. Тој пак пред судијата рече дека никогаш не планирал да бега.

И за Бедреим Ибраими Фетаи бараше притвор тврдејќи дека постои опасност да не ја почитува пресудата и да се даде во бегство.

Тој жестоко реагираше дека судот ги разгледал само доказите на СЈО, и се правдаше дека воопшто не помислувал да бега.

Судот го прифати барањето и на Мијалков и Ибраими им определи притвор. Останатите обвинети два пати неделно ќе се јавуваат во судот, мерка која ја бараше СЈО.

Тачи, Ибраими, Сајковски, Срцев и Стефановска се товареа за злоупотреба на службената положба и овластување, а Мијалков за примање награда за противзаконито влијание. Бранителите најавија жалби за пресудата.