Спасовски: „Полицијата на висина на задачата за демократски амбиент на референдумот“

by Administrator

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, истакна дека македонската полиција ги презела сите потребни мерки за обезбедување демократски референдумски процес на 30 септември, и стави акцент на евентуалните прекршувања во процесот на гласање, јавува Anadolu Agency (AA).

Преку видеообраќање, денес министерот Спасовски нагласи дека правото на глас е неприкосновено и никој нема право да го загрози, додавајќи дека тајноста на гласот е загарантирана и дека институциите ќе обезбедат беспрекорно спроведување на референдумот на 30 септември.

„Секој граѓанин да гласа според сопствено убедување и сопствена волја. Гласот на граѓаните одлучува за иднината на Македонија. Полицијата е на висината на задачата да овозможи демократски гласачки амбиент, и слободно изразување на волјата на граѓаните“, рече Спасовски.

Тој истакна дека Македонија е демократска држава со европски манири каде што секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран во согласност со законите.

Министерот Спасовски во своето обраќање нагласи дека тоа важи и за интернет-активностите, и како што потенцираше, секој обид за попречување на остварувањето на правото на глас ќе биде санкционирано.

Референдумот, кој ќе се одржи на 30 септември, е дел од Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија.

You may also like