Спасовски во Париз на конференција за борба против недозволената трговија со оружје

by Administrator

Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, присуствува на меѓународната министерска конференција посветена на борбата против недозволената трговија со мало и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, што во рамки на француско-германската иницијатива за ефикасно справување со овој проблем, се одржува во Париз, Република Франција, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесното оружје во последниве години се здоби со важност во меѓународните, регионалните и националните агенди, бидејќи дополнителните глобални околности, особено во доменот на масовните миграции и видоизменувањето на терористичките концепти, ги мултиплицираа можните опасни последици од неконтролираната пролиферација на малото и лесното оружје“, рече Спасовски, соопшти Министерството за внатрешни работи на Македонија.

Тој додаде дека неретко се случува овој вид незаконски и криминални активности да можат да претставуваат и еден од катализаторите кои дополнително ги трансформираат локалните инциденти во многу пошироки регионални и глобални настани.

Министерот Спасовски нагласи дека примарно е заедничкото градење на стандарди за развој на ефективни системи за размена на информации и транспарентност, споделување најдобри практики, како и подигање на јавната свест преку спроведување соодветни програми.

Министерот за внатрешни работи на Македонија говореше за постигнатото во оваа сфера од страна на македонската Влада, и пред сѐ од страна на Министерството за внатрешни работи на Македонија, како клучна институција во справување со овој вид криминал.

Спасовски рече дека приоритет на македонското Министерство за внатрешни работи е да отпочне со изградба на информатички информационен систем кој понатаму ќе биде подготвен да се приклучи кон системите на ЕУ (SIENA, IARMS и сл.).

На министерската конференција, присуствува и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.

You may also like