Според најцрното сценарио, во земјава на крајот од годинава ќе има околу 600 илјади луѓе кои живеат во сиромаштија, што е секој трет човек. На меѓународниот Ден за искоренување на сиромаштија, во центарот на Скопје може да сретнете луѓе со подадени дланки кои чекаат некој да им фрли по некој денар.
Есенскиот дожд го принудил да се засолне во Градскиот трговски центар и таму да ја испружи дланката и да замоли за некој денар.
Не знае дека 17 октомври е меѓународен Ден на искоренување на сиромаштијата.
„Јас секој ден сум сиромашен“, вели седумдесетгодишниот Борко, кој седнат пред голем маркет во Трговскиот центар, чека некој да му „фрли“ денар – два.
„За лепче само.“
До скоро земал и социјално од околу 3000 денари месечно, но поради грешка, документите не му се обновени и сега е без денар. Додека чека повторно да добива социјално, проси. Но луѓето не се дарежливи, вели тој.
„Сите работат, а немаат пари, така зборуваат – немам пари“, вели тој.
На неколку чекори од него, со подадена картонска кутија во која има само неколку монети, седи жена. Од покриената глава со марама и со маска и се гледаат само очите. Маката ја натерало на ваков чекор, но не сака да го сподели ни своето име, ни маката. Само ја подава кутијата, не ни повикува некој да и даде паричка.
„Ѝ пак ќе ми речат што си седнала, што не одиш да работиш. Јас да можев да работам, ќе одев да работам“, вели таа.
Тоа што ќе го собере го дава за лекови, за леб некогаш не ни останува.
Повеќе на РСЕ
