Собрание: Помина Предлог законот за антикорупциска во прво читање

by Administrator

Предлог на Закон за спречување на корупцијата и судир на интереси беше усвоен денеска на собраниска седница во прво читање. Новото законско решение го поддржаа 58 пратеници, против гласаа 16.

Со законот се регулираат и двете области корупцијата и судир на интереси, конкретно се определуваат поимите – службено лице, семејство, блиски лица, се дефинира поимот на ризок од корупција. Се воведуваат промени во самата постапка за избор на претседател и членови, во статусот и нивните плати, како и во претстанокот на функцијата и разрешување на членовите.

Антикорупциска ќе ги проверува сомнителните грантови и вработувања

Заменик-министер за правда Оливер Ристовски, напоменувајќи дека од 2018 година по оставките на антикорупционерите во земјава не функционира оваа комисија, нагласи дека со новото законски решение се прошируваат и надлежностите на Државната комисија за спречување корупција.

Опозицијата со критики во однос на законското решение од тоа дека процедурите за избор на претседател и членови на Комисијата ќе одземат премногу време и државата повторно нема да има антикорупционери за време на претседателските избори, до тоа дека оваа власт всушност и не сака да има антикорупциска.

Според Зоран Илиоски од ВМРО ДПМНЕ најголем минус во законското решение е тоа што антикорупциска се става во улога на нов истражен орган во правниот систем на државата. Тој смета дека власта сака само шминка и популизам, а не да ги подобри работите во оваа сфера.

Рече дека власта и опозицијата треба заеднички да изработат подобро законско решение. Предложи на пример претседателот да биде избран на предлог на опозицијата, со што ќе му се даде поголем легитимитет, но и можност на опозицијата да врши некаква контрола. Предложи и изборот на членовите да биде сукцесивен, да имаат различно времетрање на мандатот, со цел да не се дозволи наеднаш Комисијата да остане без членови.

Новиот предлог закон за антикорупциска што го предложи Министерството за правда е пишуван во консултации со експерти од ЕК. Последните забелешки на финалното решение на законот беа, бројот на членови да се намали од 7 на пет, сите прекршоци да ги води ДКСК и да се гарантира дека во изборот на новиот состав нема да има партиско влијание.

ДКСК не функционира речиси десет месеци, откако во март по објавувањето на ревизорскиот извештај за финансиското работење на Антикорупциска, во кој ревизорите нотираат сериозни сомневања за малверзации од страна на членовите како фалсификувани сметки, лажни патни налози, нереални суми за изнајмување на станови во Скопје, петмина од нејзините седум членови си поднесоа оставки, меѓу кои и претседателот Игор Тантуровски.

Извор:НоваТВ

You may also like