Лажани под вода, се евакуираат жители од поплавените домови.

by Administrator

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека попладнево општина Прилеп, Долнени и Кривогаштани беа зафатени од поројни дождови кои предизвикаа поплавување на повеќе населени места од општина Долнени.

„Најкритично е во селото Лажани каде што поголем дел од селото е под вода. Водата има навлезено во куќите“, велат од ЦУК.

Според последните информации добиени од градоначалникот на Долнени заради поплавувањето на подрумските куќи се врши евакуација на загрозените жители на селото Лажани со помош на трактори, наведоа од Центарот.

Во моментот ангажирани се 2 багери. Од Територијалната противпожарна единица Прилеп испратена е екипа со 3 пожарникари со 1 теренско возило.

– Поплавени се 50 куќи во село Лажани, општина Долнени, откако пороен дожд вечерва го зафати Пелагонискиот регион.     Градоначалникот на општина Долнени Урим Ибески за МИА изјави дека повредени нема и оти причина за полавата е излевањето на Саждевска река. -Причина е излевање на реката, која поради невремето, како и несовесната градба и отпад, поплави поголем број на куќи, рече градоначалникот.

Информира дека има евакуирани граѓани, и тие вечерта ќе ја поминат кај роднини и пријатели. Во моментот на терен се наоѓат екипи на Центарот за управување со кризи, противпожарни возила, како и граѓани кои со трактори кои им помагаат на екипите.

You may also like