Партијата Самоопределување на Курти досега не е регистрирана во земјава. Најавената соработка на Курти со албанската опозиција, за премиерот Ковачевски не е спорна ако доаѓа како од сестринска партија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, ги оценува најавите како предизборен фолклор.
Партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, ќе биде дел од изборниот процес во Северна Македонија пролетта 2024 година. Движењето беше претставено како четврти столб во опозициската коалиција на Изет Меџити (Демократско движење), Билал Касами (Беса) и на Африм Гаши (Алтернатива) Тоа стана јасно по отворањето на заедничкиот штаб на албанскиот опозициски блок Европски сојуз за промени во Старата скопска чаршија во Скопје на 24 декември, но остана нејасно дали партијата ќе биде формален учесник на изборите или само јавно ќе ја поддржи опозицијата.
Досега, оваа партија не е регистрирана во земјава. Каков е планот и дали ќе се регистрира, Беким Ќоку-советник на косовскиот премиер Албин Курти за Северна Македонија, не одговори на прашањата на Радио Слободна Европа. На 24 декември тој беше еден од говорниците при отворањето на штабот на Европскиот сојуз за промени, има македонското државјанство и на јавноста и е познат како член на ДПА, потоа и на Алијанса за Албанците. Беше и пратеник во македонското Собрание, каде во 2013 година го зазеде местото на Зијадин Села кој тогаш го напушти парламентот за да ја презеде градоначалничката функција во Струга.
Извор: РСЕ
