Пандемијата помина, автобусите останаа полупразни

by Administrator

Граѓаните немаат желба да патуваат со автобускиот превоз и бараат друга алтернатива. Најчесто делат такси или диви комбиња. Статистички, бројките на патници малку се зголемени во однос на пандемискиот период, но во споредба со периодот претходно бележат намалување од над 30 проценти.

Студенти, работници, пензионери. Некои поради работни обврски, други поради образование, а некои и поради преглед во болница. Голем број граѓани од различни градови постојано имаат потреба да патуваат до Скопје. Оние кои немаат друга опција ги користат услугите на меѓуградската автобуска станица, а други пак, одбираат такси или таканаречените „диви превозници“ за да стигнат до саканата дестинација.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека патуваат со автобус само тогаш кога немаат друга опција, а токму тоа го покажуваат и најновите статистички податоци, според кои бројот на патници кои го користат меѓуградскиот и меѓународниот транспорт не само што не го достигна нивото пред корона кризата, туку и опаѓа.

Жителите на Кратово пак, имаат друга мака. Тие до Скопје може да дојдат само ако го фатат утринскиот автобус, оти попладневните и вечерните линии се укинати.

„Да има автобус ќе ги посетувам роднините почесто. Порано имаше неколку пати автобус во текот на денот на релација Скопје-Кратово, но со ковид-кризата сега ако сакате да отпатувате од Кратово за Скопје тоа можете да на направите само наутро, попладневните и вечерните линии се укинати“, вели Валентина од Скопје, која потекнува и има роднини во Кратово.

Од главниот град до гратчето одалечено неполни 100 километри, пак, автобус има наутро и во 17 часот попладне. Луѓето се организираат и делат такси до главниот град, по цена малку повисока од автобуската карта, но барем таксистот ги носи до посакуваната адреса, а младите ги користат и социјалните мрежи да се организираат и да поделат превоз.

Повеќе на РСЕ

You may also like