Северна Македонија денеска го празнува најголемиот празник – Илинден, одбележувајќи 119 години од раѓањето на Крушевската Република и 78 години од Првото заседание на АСНОМ. „Илинден – нашата сила за иднината“, е слоганот под кој годинава, се одбележува 2 aвгуст – Денот на Републиката. Чествувањето започна синоќа со манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, а продолжува денеска со низа манифестации во земјата. „Илинден е нашата гордост, нашиот патоказ. Илинден е нашата сила за иднината!“, порача државниот врв, со желби најсветлиот ден во македонската историја да се празнува во слога и обединетост.
Визија за независна држава
„Денеска ги чествуваме двата Илиндена 1903 и 1944 година, темели на македонската држава, македонскиот јазик и идентитет и изразуваме вечна благодарност кон илинденците и асномците за нивната заложба и визија за современа, суверена, независна, модерна држава. Илинден е нашата гордост, нашиот патоказ“, порача премиерот Димитар Ковачевски. Тој синоќа во Крушево порача дека илинденците и асномците со оружје јуришале кон иднината за којашто верувале.
„Тоа е сегашноста што ја живееме ние денес, слободна и независна македонска држава. И ние имаме обврска да јуришаме кон иднината во којашто веруваме, а тоа е европската иднина за нашите деца и идните генерации“, рече Ковачевски, кој смета дека не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на земјата.
Премиерот упати повик до граѓаните, без оглед на етничката, верската или политичката припадност, да покажат патриотизам на дело и да продолжат по аманетот на илинденците напред, а тоа е европскиот пат на земјата.
„Ова не е битка за минато! Таа битка илинденците ја воделе и ја добиле! Оваа битка пред нас, почитувани граѓани, е битка за сегашноста и иднината и оваа битка, ве уверувам, заедно – ќе ја добиеме! Херојство е соочување, заедништво и меѓусебно разбирање“, рече Ковачевски.
Повеќе на:DW
