Излекувани 200 пациенти од Kовид-19. Се прави план за враќање на животот во нормала

by Administrator

Во државава утрово заврши најдолгиот, 85 часовен, карантин кој граѓаните ги затвори дома за време на Велигден. Ефектот од ваквите рестриктивни мерки чија цел е спречување на ширењето на ковид-19, властите го очекуваат на почетокот на мај, за кога најавуваат дека ќе почне и олабавување на некои од нив и враќање на животот во нормала.

Бројот на излекувани пациенти од коронавирусот во нашата држава достигна 200, откако вчера имаше повеќе излекувани – 21, од новорегистрирани случаи – 18. Вкупниот број на заразени е 1.225 лица, досега починаа 54, а направени се вкупно 12.133 тестирања. Ќе се зајакнуваат меките мерки за да не мора да се заоструваат рестриктивните.

Спасовски: Излечените се мотив плус да продолжиме во спречувањето на ковид-19

Премиерот Оливер Спасовски на Фејсбук објави дека 200 излечени наши граѓани од ковид-19 е вест што дава дополнителна мотивација да се продолжи со заедничките напори за справување на ширењето на коронавирусот.

„Регистриравме и ден со поголем број излечени од новозаразени. Тоа е резултат на големата, огромна посветеност за здравствените работници и на граѓаните што се придржуваат до мерките на претпазливост. Тие ги заслужуваат најголемата благодарност и сите признанија“, вели Спасовски.

Властите препорачуваат граѓаните да го редуцираат излегувањето од своите домови,и тоа само од најнеопходни причини, заради одење на работа, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување намирници и лекови од маркетите и аптеките.

Од денеска забрана за организиран превоз на патници кон и од Тетово

Од денеска се забранува организиран превоз на патници, односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје вкупно се хоспитализирани 56 пациенти од кои 18 се на кислородна поддршка, а тројца на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 септември“ се хоспитализирани 34 потврдени и суспектни пациенти. Со потешка клиничка слика се девет пациенти, а шест се на респираторна машина.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 14 пациенти потврдени и суспектни на ковид, а на домашно лекување се следат уште 15 пациенти.

Во штипската болница во моментов се лекуваат пет ковид позитивни пациенти, сите во стабилна состојба, а на  домашно лекување се следат 19 пациенти, информираат од Министерството за здравство.

NovaTV

You may also like