Краткорочни придобивки или долгорочни штети врз прехранбената индустрија ќе предизвикаат владините мерки за замрзнување на цените на основните прехранбени производи? Власта вели дека го штити јавниот интерес, но бизнисмените сметаат дека до соодветни цени на храната може да се дојде и ако државата се откаже од даноци и царина.
На меѓународниот пазар цените на храната се намалуваат веќе цела година, но тој тренд не го следат македонските производители. Затоа Владата повторно почна со замрзнување на цените на прехранбените производи. Од друга страна, бизнисмените предупредуваат на долгорочни штети врз бизнисот од ваквите мерки, додека економистите предлагаат друго решение – намалување на цените и маржата, но и намалување на акцизите и ДДВ.
По одлуката да ја замрзне цената на лебот на 33 денари, Владата подготвува замрзнување на цените и на други основни прехранбени производи. Mинистерот за економија Крешник Бектеши рече дека во моментов се анализираат цените на тестенините и на млечните производи, а одлуката ќе биде објавена оваа недела.
„Сите производи кои се наведени во Одлуката за ограничување на маржата се анализираат. Во моментов конкретно се анализираат цените на тестенините и на млечните производи и најверојатно до крајот на следната недела ќе видиме што ќе покаже анализата и ќе донесеме соодветни одлуки“, рече Бектеши.
Веќе 11 месеци цените на храната се намалуваат според индексот на ФАО, но тоа не се одразува на цените во македонското производство на храна, кое и покрај тоа што е интегрирано во меѓународниот пазар, цените на храната ги одржува високи, вели професор Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки. Според него, во ваква ситуација власта има обврска да го заштити јавниот интерес и да ги замрзне цените на храната.
„Капиталистите кои поседуваат фабрики и претпријатија за производство на храна, не го следат тој тренд на намалување на трошоците за производство и ја држат цената релативно висока и повисока отколку што ја прави математиката на цени на производство и на остварување на профит“, вели Савески.
Повеќе на РСЕ
