На само една третина од домаќинствата од денеска ќе им се пресметува евтина струја преку ден. Останатите ќе добијат пресметка со поевтина струја откако ќе им бидат рачно сетирани броилата од екипите на ЕВН.
Евтината дневна тарифа на електричната енергија од денеска ќе им се пресметува на 170 илјади домаќинства кои според последните официјални податоци поседуваат броила со далечинско отчитување.
Останатите 650 илјади домаќинства кои имаат обични односно стари броила ќе чекаат екипите на ЕВН да им ги подесат за да може и тие да користат струја во евтина дневна тарифа, како и да им се пресмета потрошената електрична тарифа во новата евтина и скапа тарифа.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски очекува до крајот на месецот 90 отсто од домаќинствата да имаат сетирани или заменети стари со нови броила.
„Сите домаќинства кои имаат далечинско отчитување ќе имаат евтина тарифа, за другите група по група ќе се сетираат мерилата”, објасни тој.
По воведувањето на блок-тарифите, броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа. До денеска евтина струја имаше само ноќе во период од 22 часот до 6 наутро.
Повеќе на РСЕ
