Во дел од амбасадите каде е најбројна дијаспората има и по 300 луѓе дневно кои поднесуваат барања за пасоши. МНР најавува мобилизација на дипломатијата. Државата нема да ги извести другите земји дека престанува важноста на старите пасоши, но очекува флексибилност заради за проблемот со издавање нови пасоши. Дали ќе се патува со лични карти во регионот секоја држава посебно ќе одлучува.
Неколку стотини илјади граѓани од вторник (13 февруари) нема да може да патуваат надвор од државата бидејќи немаат пасош со новото уставно Република Северна Македонија, обврска која државата ја презеде со Преспанскиот договор потпишан во 2018 година со Грција.
Според податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР), од јуни 2021 кога почнаа да се издаваат лични документи со новото име, до 7 февруари годинава, направени се 1 297 447 пасоши. Ако се земат предвид бројките од пописот спроведен во 2021-та, кои покажаа дека вкупното население (вклучително и дијаспората) изнесува 2 097 319 лица, тоа би значело дека речиси 800.000 граѓани немаат патни исправи со Република Северна Македонија.
Министерството за надворешни работи (МНР) не ги известило другите држави дека од понеделник на полноќ престанува важноста на пасошите со старото име, а и нема да го направи тоа бидејќи шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека државата нема таква обврска.
„Го анализиравме тоа прашање, видовме дека нема таква директна обврска. Таа обврска што сме ја имале, сме ја исполниле во 2018, а тоа е да известиме дека имаме потпишано Договор. Но конкретно да им кажеме сега, немаме обврска“, вели Османи.
Тој посочи дека Грција ги известила државите, но, додава, „нашето известување е важно, а ние немаме обврска за тоа“.
Повеќе на РСЕ
