Американскиот секретар за одбрана Матис викендов во Македонија

by Administrator

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис најави дека овој викенд ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ, рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.

На новинарско прашање од Гласот за Америка дали е загрижен за мешањето на Русија во референдумот во Македонија, секретарот за одбрана на САД Џим Матис рече:

-Загрижен сум за тоа. Мислам дека не треба да има мешање во демократијата. Ако се изразува став на хартија е една работа, но ако се прават неволји како што Русија практикуваше во Украина и во САД, и сега во Македонија зашто Русија секогаш се прилагодува на специфичната ситуација, што се однесува до мене, јас би бил претпазлив, рече првиот човек на американската одбрана.

Џејмс Матис е вториот висок американски претставник кој неделава доаѓа во Македонија за да искаже поддршка за успешен референдум.

Утре во Скопје доаѓа помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел. Тој ќе има средби со македонскиот премиер Зоран Заев и со други официјални претставници за поддршка на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември, соопшти Стејт департментот.

Мичел во Скопје ќе има средби и со претставници на парламентарните партии и на бизнис заедницата со кои ќе размени мислења и ќе ја нагласи американска поддршка за приклучувањето на Македонија во Западното семејство, се наведува во соопштението.

Извор:НоваТВ

 

You may also like