Алијансата е за предвремени избори, но бара сплотеност во време на криза

by Administrator

Алијансата за Албанците е подготвена за предвремени избори, некаде во март – април ако има избори, но во овој период на криза треба да бидеме сплотени. Јас инсистирав и претходно на непартиска експертска влада, вели в.д претседателот на партијата Арбен Таравари во неделното интeрвју за Радио Слободна Европа (РСЕ). Таравари демантира дека се сретнал со Ахмети и Ковачевски за евентуални преговори за влез во Владата.

Господине Таравари, интервјуто го правиме на Клиниката за неврофизологија, вашата матична куќа, во која секоја среда работите со пациенти. Во здравството и натаму се присутни старите проблеми, од незадоволни пациенти, недостиг на апарати или реагенси, па сè до афери и обвинувања за исплати на дежурства кои се повисоки од основната плата на лекарите? Зошто ситуацијата со години назад е непроменета?

Токму така. Во државата повеќе работи се неубаво организирани, меѓу другото и здравството, за жал, некако посебно после пандемијата, а и за време на пандемијата се покажа дека системот не функционира, односно пропадна. Можеби некој ќе помисли дека го кажувам тоа бидејќи и сум од една опозициска партија, па сакам да ја критикувам власта. Но, еве јас ќе ви кажам бројки, Македонија е по морталитет меѓу четирите или пет земји кои имаат највисока смртност од ковид – 19 како последица на неубаво менаџиран здравствен систем за време на пандемијата, но и како последица на нефункционални институции во здравството и, како трета причина, доцното започнување на вакцинирањето.

Секојдневно гледаме дека и во здравствениот систем се случуваат разно – разни скандали. Не успеавме, за жал, после подолг период, да направиме стратегија за здравствениот систем. Но не само за здравството, тоа треба да има и за образованието и за економијата и за други категории битни за функционирањето на државата. Не успеавме да започнеме со изградба на нов Клиники центар и да направиме регионални клинички болници, иако само формално тие функционираат во Битола, Штип, Тетово и Охрид. И сето тоа полека, полека системот декомпензира и девастира.

Но, Вие бевте и на другата страна. Бевте министер за здравство. Дали поинаку се гледаат работите од таа позиција?

Да, точно. Јас бев министер за здравство околу 100 дена. Знаете тогаш Министерството за здравство, не велам министерот, имаше тогаш една анкета, мислам на ИРИ, за довербата на граѓаните во Министерството за здравство, а таму не бев само јас. Во Министерството за здравство беа и група мои колеги кои ми помагаа. Нашата доверба беше повисока од довербата во премиерот Заев, кој тогаш беше во кулминација на својата политичка популарност. Успеавме да ја вратиме довербата на луѓето дека здравствениот систем може да се среди и тоа е многу важно. Меѓутоа за сто дена толку може да направите, не ни се даде шанса да продолжиме понатаму.

Повеќе на РСЕ

You may also like