Чинот на снимање на гласачите пред конзулатот во Мелбурн од страна на неколку индивидуалци е спротивно на сите закони и вредности на демократијата, реагира на својот фејсбук профил, министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми по објавата на медиумите дека македонски државјани во Австралија биле снимани додека одат на гласачките места.
„Им честитам на тие граѓани кои водејќи се од националните и стратешките интереси на државата денес се одважија и го искористија своето загарантирано право на глас. Нивниот глас ќе се вреже во темелите на европска Македонија, како и гласот на сите други кои денес ќе гласаат. Истовремено, институциите на Република Македонија, се во контакт со Австралиските власти. Случајот е пријавен, снимачите се идентификувани и ќе ги сносат сите законски последници согласно Австралиското законодавство“, напиша Адеми на својот фејсбук профил.
Тој ги охрабрува сите кои денеска ќе гласаат во дипломатско-конзуларните претставнишвта без никаков страв да го искористат своето граѓанско право на глас.
Реагираше и Министерството за надворешни работи (МНР) кое како институција директно поврзана со процесот на гласање на дијаспората најостро ги осуди објавувањето на снимки на социјални медиуми како и навредите кон македонски граѓани во Австралија, кои решиле да излезат и да гласаат на референдумот.
„Ова претставува директно прекршување на основното демократско право на гласање, но и влијание врз референдумскиот процес, како и прекршување на правото на приватност за време на гласање. Каков било обид за влијание или притисок врз гласачите на денот на гласање за референдумот е недопустливо. Локалните власти во Австралија се веќе известени за немилиот настан. Овие сериозни прекршоци се недопустливи и во најскор можен рок ќе се преземат сите законски мерки за санкционирање на чинителите. Повторуваме, никој нема право да навредува и никој нема право да спречува и со тоа директно да влијае врз гласачкиот процес, граѓани кои одбрале да го исполнат своето демократско право и да гласаат на референдумот“, пишува во реакцијата на МНР.
Извор:НоваТВ
