Според Роковникот за извршување на изборни дејствија, денеска почнува изборната кампања за предвремените парламентарни избори на 5 јуни. Изборната кампања ќе трае до 3 јуни во 24:00 часот.

Изборнатата кампања, како што стои во Роковникот, предвидува јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесниците на изборите, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.
Државната изборна комисија, за учество на изборите на 5 јуни ја потврди само кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери. Кандидатски листи поднесе и Народното движење за Македонија (НДМ), но поради констатирани неправилности ДИК донесе одлука да ги отфрли. Исто така, ДИК ги отфрли и кандидатските листи на Социјалдемократската партија на Македонија (СДПМ), по барање на партијата.
Сепак, и покрај ова, до утрово, се уште нема никаков знак дека ВМРО-ДПМНЕ е во изборна кампања. Вообичаено, уште на полноќ започнуваат да се емитуваат реклами и платена политичка програма на телевизиите и радијата, се поставуваат банери на портали… Нема ниту билборди на улиците, ниту плакати залепени било каде, ниту пак е познат слоганот или програмата… а не се закажани ниту митинзи, иако првиот би требало да се одржи уште вечерва.
Сепак, одржувањето на изборите на 5 јуни е целосно неизвесно, и тие можно е да се одложат, за што постојат и неколку иницијативи преку Собранието и Уставниот суд.
Во меѓувреме, Груевски изјави дека дека неговата партија се спрема за вонредни избори наредниот месец, но нагласил и дека пoтоа „веднаш би бил спремен“ за уште едни избори