(Фото+Видео) „Шарената револуција“: Тргнавме и нема застанување

by Administrator

Мирно помина денешниот протест на граѓаните против аболицијата на политичарите од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов. Боите на „шарената револуција“ продолжија да доминираат низ главниот град.

Графитот „шарената револуција“ денеска може да се забележи насекаде низ центарот на градот. По синоќешната објава на нашата репортажа , терминот стана вирален на Фејсбук и Твитер, за набргу да се префрли и на скопските улици. Со почетокот на протестот пред Специјалното обвинителство, секој ден во шест, како што често извикуваат демонстрантите, веќе можеа да се забележат млади луѓе опремени со спрејови во разни бои кои го цртаа новиот популарен хаштаг на улиците.

 https://twitter.com/ozimec333/status/722830546209005569

Протестот како и речиси секој ден, од пред СЈО продолжи пред Собранието, за потоа преку плоштадот да се упати пред Владата и на крајот заврши кај бараките на Град Скопје. Под силно полициско обезбедување беа чувани сите институции кои деновиве беа мета на протестите. И покрај тоа, боите на „шарената револуција“ денеска го исфарбаа споменикот на Прометеј, бараките на градското Собрание и дел од споменикот „Воин на коњ“. Триумфалната Порта исто така повторно доби боја.

Пред Собранието на насобраните демонстранти им се обрати еден студент кој беше многу актуелен деновиве со неговото обраќање кон полицијата кое беше доловено на видео. Рече дека поради обраќањето имал и закани, а го нарекувале и хулиган, платеник и го етикетирале како СДСМ и „Сорос“.
„ Дали треба да си хулиган и платеник за да се бориш за слобода. Честа и достоинството немаат цена и на сите оние кои ни се смеат на нашиве излагања овде, имаме да им посакаме само да дадат оставка. Најавија 80 милиони евра за Скопје 2014, но потрошија повеќе од 560 милиони евра. Најавија 40 споменици а направија над 130. Фасадата на Владата чини 15 милиони евра. Не напаѓаат зошто ја боиме Триумфалната порта, а потрошија 4,4 милиони евра за неа. Споменикот на Александар Македонски чини 7,5 милиони евра. Поради сите овие суми ние немаме леб, немаме пари и протестираме овде“, рече тој пред насобраната публика.

https://twitter.com/cane_be/status/722860970578743296

Освен во Скопје денеска повторно се организираа протести и во Штип, Прилеп, Струмица, Охрид, Кочани, Кавадарци и Битола.

You may also like

Leave a Comment