Највидлива разлика што сум ја забележал во оваа земја е климата на стравот. Со кого и да разговараш, каде и да отидеш, луѓето се уплашени. Не сум видел такво нешто претходно во ниту една од другите земји од регионот, вели белгискиот посредник Питер Ванхауте, во интервју за новиот портал Слободна Македонија.

Подолу мал дел од интервјуто:
Слободна Македонија: Експертите во „Извештајот на Прибе“ укажаа дека проблемот на корупцијата заслужува посебен извештај. Во моментов, нема ниту една кривична пресуда против министри од владата. Дали има потреба од некоја дополнителна експертска група која би подготвила посебен извештај со препораки како да се бориме против корупцијата во Република Македонија?
Питер Ванхауте: Да, секако дека има потреба. Борбата против корупцијата е можна. Прво нешто што треба да го направите е да ги анализирате и да ги изнесете на видело начините на корупција. На пример, неодамна беше обелоденет избирачкиот список. Сега секој од јавноста може да види во колку лоша состојба е избирачкиот список. Истото треба да го направите и со корупцијата. И затоа мислам дека е потребно да имате добри, компетентни и независни ревизори кои ќе ги проверат сите сметки, сите финансиски приходи и трошоци, од секоја владина институција но, исто така, и од сите јавни претпријатија и општини. Целиот систем треба да биде транспарентен, и сите информации треба да бидат обелоденети. Тогаш ќе се види состојбата. Ве уверувам, според она што го дознав низ годините кога бев тука, корупцијата е запрепастувачка, и е многу, многу шокантна.
Парламентот не функционира: пратениците само удираат печат на она што им е наложено
Слободна Македонија: Уште еднаш ќе посочам на „Извештајот на Прибе“, каде што причините за скандалот со прислушкувањето се лоцирани во концентрацијата на моќ во УБК и нефункционирањето на надзорниот механизам врз УБК. Како експерт за зајакнување на парламентот, со искуство во областа парламентарен надзор врз полицијата и разузнавачките служби, кое е вашето мислење за капацитетот на македонскиот парламент како надзорен механизам врз УБК?
Питер Ванхауте: Како прво, парламентот е целосно контролиран од владата и тоа е една од клучните карактеристики на авторитарните режими. Во 2014 година 50% од законодавството беше донесено во итна постапка. Во 2015 година 70%, повеќе од две третини од законодавството, беше донесено во итна постапка. Итното постапување, во основа е карактеристика на она што ние го нарекуваме „владино преземање“ на општеството, односно на парламентот, каде пратениците веќе не ја играат сопствената улога, туку едноставно само удираат печат на она што им е наложено. Ова е многу лошо за демократијата. Што се однесува до надзорот, нема такво нешто како правилен надзор во вашиот парламент. Се работи за дисфункционална институција, во таа смисла, и ние треба да најдеме начин како да ја вратиме на прав пат. Надворешен надзор врз парламентот е многу потребен бидејќи, на крајот, пратениците се очите и ушите на граѓаните. Тие имаат добиено мандат од граѓаните за да го прават тоа, и затоа треба да го прават тоа. Но, ние треба да создадеме соодветни механизми за да им овозможиме да го прават тоа. На пример, познатата собраниска комисија за снимките од прислушкувањето беше само обична шега што егзактно докажува дека парламентот е во потполност дисфункционален. Не можам да си замислам дека во која и да е европска земја, некој би можел да се измолкне, дека владата би можела да се измолкне, за такво нешто какво што се случи во вашата земја. Тогашниот премиер да не одговара на ниту едно од прашањата? Вие сте одговорни како министер, и како премиер, мора да се појавите во парламентот, и мора да дадете одговор на сите прашања што ќе ви ги постават. Ако не го направите тоа, не сте ни достојни да бидете премиер. Треба да си заминете и веднаш да ја оставите земјата.
Одењето на избори со нула реформи е шега
Слободна Македонија: Директната политичка вмешаност во изборните манипулации од 2014 година не е адресирана ниту на судско, ниту на политичко ниво. Бројните обелоденети нерегуларности од претходните избори сеуште не се адресирани од новиот состав на Државната изборна комисија. Дали сме спремни за предвремени избори, без да ги надминеме сериозните манипулации и нерегуларности од претходните избори?
Питер Ванхауте: Секако дека не сте спремни за никакви избори во овој момент. Поради конфликтната ситуација што ја перципираме денес, согледувајќи ја огромната измама од претходните неколку години до денешен ден, како и неверојатниот притисок со кој се соочуваат луѓето кои работат во јавната администрација, неверојатниот притисок што го гледаме врз луѓето што работат во образовниот систем. Ова е неприфатливо. Такво нешто не сум видел во ниту една земја од регионот претходно, ниту на било кое друго место. Нема таков преседан. Како резултат на ова, мојот заклучок е дека оваа земја не е подготвена за избори. Нормално е, во една конфликтна ситуација, прво да ги решите проблемите, реалните проблеми, а потоа да се договарате за тоа кога да се организираат избори. Овде се прави сосем обратното. Од сите препораки во Ургентните реформски приоритети и извештајот на Прибе, досега не е постигнато ништо. Има нула постигнувања! И да се оди така на избори е шега. Не треба да го правите тоа.
Интервјуто во целост прочитајте го тука










