
Денеска попладне еден дел од неколкуте илјади мигранти кои чекаат на пограничниот појас на грчко-македонската граница го пробиле безбедносниот кордон и се упатиле кон Гевгелија

На границата има илјадници мигранти од кои поголемиот дел Сиријци, меѓу кои има и голем број жени, деца и стари лица.
Македонската полиција на еден дел од семејствата со деца им дозволува да ја преминат границата и да дојдат до железничката станица во Гевгелија од каде што со возови заминуваат за Србија, а оттаму во Унгарија и други земји на ЕУ.
Денеска попладне еден дел од неколкуте илјади мигранти кои чекаат на пограничниот појас на грчко-македонската граница го пробиле безбедносниот кордон и се упатиле кон Гевгелија.
По одредено време интервенирала и војската со што македонската полиција повторно ја вопоставила контролата.
Стотици мигранти кои го пробиле безбедносниот кордон се упатиле кон железничката станица од каде со возови треба да заминат до граничниот премин Табановце на границата со Србија.
Од Грција и понатаму продолжуваат да пристигнуваат нови мигранти кои како што се вели од островите со автобуси се носат кон границата со Македонија.
Дел од мигрантите се пропуштаат контролирано согласно со можностите на државата за нивен хуман третман, а притоа како што се вели приоритет имаат ранливите групи, жени, деца и стари лица.
Според изјавите на македонски надлежни органи од 19 јуни досега им биле издадени потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил на вкупно 42.421 миграни, од кои најбројни биле со сириско државјанство дури 34.346 лица, а потоа следеле државјани од други земји како што се Авганистан, Ирак, Пакистан, Сомалија, Палестина, Конго, Бангладеш, Нигерија, Камерун и други Блискоисточни и африкански земји.
Според добиени информации во последните 24 часа биле извадени потврди за 826 лица.
Во меѓувреме и мобилни екипи на Црвениот крст вчера вечер им укажале помош на мигрантите на граничниот премин Табановце кај Гевгелија каде што биле испратени шишиња вода, пакети со храна, лични хигиенски пакети, пакети за прва помош, потоа пелени за бебиња, ќебиња, пакети со бебешка храна и други потреби.
Дневно биле доставувани по 1000 до 1500 пакети со храна, вода и други основни животни потреби.
Безбедноста во пограничниот регион во Гевгелија каде што има наплив од мигранти и ситуацијата е напната се обезбедува од страна на македонската полиција и армијата.









