Ципрас поднесе оставка, Грција оди на предвремени избори

Грчкиот премиер Алексис Ципрас му ја предаде својата лична оставка и оставката на својата влада на претседателот Прокопис Павлопулос

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во своето обраќање до народот преку телевизијата истакна дека одлуката за предвремени избори е донесена за да се постават пред грчкиот народ на гласање приближно шестмесечните работи на коалиционата влада предводена од неговата партија СИРИЗА.

Велејќи дека задачата што ја доби од грчкиот народ на одржаните избори на 25 јануари заврши и сега е дојдено време повторно да се донесе одлука, Ципрас рече: „Во овој момент кога заврши еден тежок период одлучив да го поставам на ваше вреднување сето она што го направивме од политички морален аспект.“

По своето обраќање преку телевизијата Алексис Ципрас му ја предаде својата лична оставка и оставката на својата влада на претседателот Прокопис Павлопулос.

Ципрас му рече на претседателот Павлопулос дека Парламентот во овој состав не може да понуди мнозинска влада или влада на национално единство, поради што побара од него да иницира да се оди на предвремени избори и да се формира привремена влада која ќе управува со земјата до предвремените избори, а во меѓувреме побара што побрзо да биде соопштен и датумот за одржување на изборите.

Од друга страна беше соопштено дека на чело на привремената изборна влада што ќе се формира ќе биде назначена претседателката на Врховниот суд Василики Тану-Христофилу.

Василики Тану-Христофилу за која се очекува заедно со останатите членови на привремената изборна влада во понеделник да положат заклетва и да стапат на должност, истовремено ќе стане и прва жена премиер на Грција.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here