Почитувани, имајќи го во предвид отсуството на претседателот на Румелија ТКНЦ г-динот Шериф Ајрадиноски заради учество на симпозиумот во Измир – Туција, авторот на делот насловен како Наша Колумна, не беше во можност да одговри со нова содржина на текст колумна, во терминиот за редовно објавување.
Како би ја исполниле оваа празнина, во прилог на овој пост Ви ја прикажуваме содржината од излагањето со кое г-динот Ајрадиноски се представи пред присутните членови на симпозиумот во Измир Турција.
Научен симпозиумот Измир 1-2 март 2014
Торбешите во Македонија-Потекло и етимологија на етнонимот Торбеш
Сиже (Апстракт): Наспроти тенденциозната, подметната и некритички прифатена теза за пежоративното толкување на етнонимот(егзонимот) Торбеш и неговото поврзување со тн. “исламизација“ или “потурчување“(за торба брашно, урда и тн.) кое историски се поклопува со освојувањата на Блаканот од страна на Османската империја, а се однесува и на другите автентични балкански или јужнословенски муслимански заедници, Бошњаци и Помаци (не го споменувам поимот Горани бидејќи тој е геграфска одредница, а Гораните се Торбеши според многу етнолошки и етнографски белези), според егзонимот “потури“, “потурице“, “потурчењаци“, “потурчени“ и тн., постојат многу историски факти, индиции и тези(дали ќе звучи радикално ако кажам докази?) кои супстанцијално ја потврдуваат неодржливоста на ваквите гледишта и толкувања. Една од таквите е тезата за богомилското потекло на споменатите милети(заедници) а егзонимот Торбеши е најстариот негрчки и нелатински(словенски) егзоним, наспроти грчкиот фундиагиагити и латинскиот кудугери кој се однесувал на богомилите. Чувствувам за потребно да напоменам барем две нешта кои според моето мислење предизвикуваат различни, често дијаметрално спротивставени и контраверзни заклучоци. 1. Дека богомилството и богомилите се доминантно балкански и словенски феномен, штo имплицира игнорирање, сомнежи, неприфаќање и отфрлање на таа теза. Но доминантно не значи и исклучиво словенски. Напротив. Средновековната “ереза“ наречена богомилство, изворно не е ни балкански ни словенски феномен туку своите корени ги влече од порано и надвор од Балканот. Од ерменското павлиќанство, сириското масилијанство, преку персискиот манихеизам и никејското аријанството до зараостризмот, а словенските еретици- богомили биле во синкретизам со други азиски еретички милети(заедници-племиња) како ерменци, сиријци, вардарски турци. кумани, печенези, волжки б’лгари, авари, анти и др. 2. Дека богомилите и богомилството не е етнички и народносен феномен туку верски. Тоа е точно. Но точно е и тоа дека балканските народи и нации од XIX век, особено православните за разлика од европските, верата ја зеле како основа во процесот на создавање на сопствените нации. Во таа смисла тие, односно ние, не сме никаков исклучок.
Заради тортурите прогоните од Византија и пред се заради големата блискост со исламот преку нивниот монотеистички поглед на свет, богомилите го прифаќаат исламот и за време на Османската империја, согласно милетскиот систем официјално стануваат Турци. По распадот на Османската империја започнува голготата, физичкото уништување, присилното покрстување, преселбите во Турција како и манипулациите со идентитетот на оваа популација кои траат и до денешни дни.
Клучни зборови: Торбеши, Бошњаци, Помаци, Богомилство, Ислам, Исламизација, Турци, Потурчување, Потури, Османска империја, Турција, Балкан.
Вовед. Почитувани…Моето име е Шериф Ајрадиноски. Претседател сум на една организација-здружение Румелија Торбешки културно научен центар. Доаѓам од Румелија, од Македонија, од регионот викан Дримкол кој се неоѓа во некогашната Охридска каза, помеѓу градовите Струга и Дебар. Тоа е регион со многу старо, но за жал малку проучувано минато. Во антиката заедно со етнографските области Голо Брдо, Дебар и Река се споменува под топонимот Агноандика, нешто подоцна заедно со Голо Брдо се споменува како Долго Брдо, потоа како Подгор (Подгора), за подоцна во време на Османлиското владеење да го добие, и до денес да го носи, турското име Дримкол. Имено во тоа време во селото Пискупштина во близина на Мерсим-беговиот ан, заради безбедносна координација на дервените постоела воена испостава наречена “КОЛ“(одред војска, стража, жупа). Така од словенското име на реката Црн Дрим(антички Аспус), во литературата споменувана и како Дрин(а), во локалниот говор како Дрим и турскиот суфикс “кол“ настанал топонимот Дримкол. Регион кој заедно со Долна Жупа, Долна Река, Скопска Торбешија, Долна Кичевија, Прилепско, Велешко, Тиквешко и др. претставува јадро на Торбешкиот милет во Македонија за кој ќе стане збор во ова мое излагање на тема:
Торбеши
Да се говори за Торбешите а при тоа де се избегне популистичкиот, политичкиот и идеолошкиот аспект, а да се задржи објективниот, историскиот и научниот дискурс е многу тешко и претставува голем предизвик. Тоа во голема мера важи и за другите етнички заедници, народи и нации, особено на Балканот кој, во овој поглед, е едно од најневралгичните точки во светот. Но кога станува збор за Торбешите тоа е особено тешко од неколку причини кои ќе ги наведам во излагањето, прифаќајќи го предивикот во обид да бидам колку е можно пообјективен.
На почеток ќе спомнам еден мал куриозитет. Имено, иако мала, речиси непозната, негирана и оспорувана заедница(милет) Торбешите имаат можеби најмногу синоними(етноними, егзоними) од која и да е етничка заедница, народ или нација, почнувајќи од најстарите во византискиот период како: фундиагиагити, кудугери, патарени, бошњани, бабуни, богомили, торбеши; подоцнежните: нашинци, помаци, горани, потури, јеновци, курки, естовци, дил’сази, аповци, бабуши, уљуфи и др., преку: “Срби мухамедани“, “Исламизирани Срби“, “Муслимани наше крви“(Јован Хаџивасилевиќ, Тома Смилјаниќ и др.), “Балгари муслимнаи“, “Б’лгари Мухамедани“(Васил К’нчев, Јордан Иванов и др.), до современите “Македонци Муслимани“, “Исламизирани Македонци“(Нијази Лиманоски, и др.) и тн. Ги има уште многу, но да не ги набројувам.
Натака, сакам да го потенцирам фактот дека за Торбешите најчесто пишувале другите(Срби, Бугари, Руси, подоцна и Македонци) и тоа во периодот на декаденцата на Османската империја, време кога во Европа, а набрзо потоа и на Блканот, се раѓа националната идеја и се развива национализмот, зачинет со доза на православен национализам и обременет со антиисламски и антитурски премиси и желби за некаков историски реваншизам. Многу од нив Торбешите ги опишувале во зависност од нивната идеолошка и политичка матрица. Најпрвин како “жртви на насилна исламизација или потурчување“, што е голем апсурд, неосновано и без ниеден валиден доказ за такво нешто. Зачетници на таквата теза се двајца православни попови. Едниот од Бугарија, Методиј Драгинов, за кого има основано сомнение дека бил измислена –непостоечка личност, другиот од Србија, Јован Рајиќ за кого се спори дали бил Србин или Бугарин.
Апсурдоста на оваа теза ја потврдуваат многу аргументи. Во оваа прилика јас ќе спомнам само неколку. а) Кур“анското мото “Нема присила во верата…“. б) Да било како што велат тие, а “насилното исламизирање“ да зафаќало само 1% од населението на годошно ниво, тој процес би бил завршен за 100 год. Но фактите говорат друго. Кога Османската власт, по повеќе од 500 год. се повлекува од Балканите, бројот на христијанското население речиси е поголем од оној на муслиманското. ц) Треба да се напомене и тоа дека Османската империја е единствена држава во средниот век во која не важи девизата “Cuius regio, eius religio!“(Чија е земјата негова е и религијата). Само уште средовековната, богомилска Босна на Бан Кулин во тој поглед може да и се придружи. Никоја друга. Има уште многу други аргументи и докази, но ќе спомнам само уште една народна мудрост која вели: “Со сила можеш да му земеш некому нешто ама не и да му дадеш“ или една друга, кај Торбешите многу популарна турска мудрост, која вели: “Зорлем берикет јоктур“!
Подоцна во извесна мера напуштена е таа апсурдна теза а фокусот е насочен кон тезата за “исламизација“ или “потурчување“ заради зачувување на имотот, привилегиите, општествената положба, за некакви олесувања или од интерес. Од таму произлегуват и некои неосновани и ненаучни толкувања за потеклото на Торбешите и етимологијата на поимот Торбеш. Демек “ја продале прадедовската вера (христијанството) за торба брашно, урда, па од таму името Торбеш, “ја менувале верата четири-пет пати“ на турски (дорт-беш) па оттаму и Торбеш “(Хаџивасилевиќ, Цилев) и тн. Не треба да се биде експерт за да се оспори и ваквата теза, доволно е да се направи една површна анализа. Имено, никакво олесување немало ако некој го прифати исламот и постане муслиман. Напротив. Требало да се клања намаз пет пати на ден, да се пости Рамазан, да се плаќа Зекат, да се откаже од конзумирање на свињско месо и да се апстинира од, тогаш најомилениот пијалок, виното и другите алкохолни пијалоци и тн. Да се постане муслиман во Османската империја, тоа автоматски значело да се прифати облигација за служење на воен рок(аскер), нешто од што биле ослободени другите, немуслиманите. А тоа не било ни олеснување ниту интерес. Тоа значело неколкугодишно отсуство од дома а често и губење на животот во војните кои ги водела Османската империја. Каде е тука интересот и олеснувањето?
Што се однесува до прифаќањето на исламот заради зачувување на имотот и општествената положба, треба да се биде реален и објективен и да се признае дека имало такво конвертирање. Но тоа го правеле еден помал број луѓе од тогашните побогати и повисоки слоеви. Тоа било или во градовите или во плодните и широки полјани каде што живееле феудалци, трговци, чорбаџии, земјопоседници и други великодостојници. Такви, тешко дека некој ќе пронајде меѓу Торбешите. Едноставно ги нема. Торбешите никогаш не биле ни привилегирана ни богата класа. Од памтивек Торбешите биле прогонувана, сиромашна и планинска популација, анатемисана и прогонувана од Византија и средновековната црква како и од Бугарските и Српските кралства и нивните цркви-ќерки на Византиската. Тоа била судбината на средновековните непокрстени Словени, Кумани, Печенези, Вардарски турци-Вардариоти, Масилијани, Манихејци, Патарени, Бабуни, Павлиќани, Ахријани, Фундиагиагити, Кудугери и тн., во словенските извори попознати како Богомили или Торбеши. Од оваа средновековна популација потекнува најголемиот дел на денешните Торбеши, Помаци и Бошњаци.
Во историографијата се среќаваат и други хипотези за етногенезата на Торбешите. Ќе споменам само неколку. Некои сметаат дека Торбешите се “чисто словенско“ племе и едно од најстарите доселени на Балканот (Миливој Павловиќ), дека се дел од племето Мијаци(Тома Смилјаниќ), дека се “исламизирано македонско население, Македонци(Нијази Лиманоски), Срби “муслимани од наша(српска) крв“ (Јован Хаџивасиљевиќ), Б’лгарско исламизирано население, Б’лгари мухамедани или Б’лгари муслимани( Цилев, К’нчев, Јорданов) и тн.
Други сметаат дека Торбешите имаат несловенско и небалканско потекло, Вардарски Турци или Вардариоти (Мемишоглу) арапско (Дорсунски), куманско (Омер Турхан), печенезко (Сефуоглу) и тн.
Интересно е да се спомне дека многу истражувачи и од минатото, дури и некои сегашни ги поврзуваат односно ги поистоветуваат Торбешите, Помаците , Гораните дури и Бошњаците како едно. Ејуп Машовиќ објаснувајќи го зборот “потури“ покрај Бошњаците ги додава и Торбешите и Гораните како исламизирано население од јужнословенските простори. Омер Турхан и Цилев Торбешите ги поврзуваат со Помаците. Босанскиот академик Мухамед Филиповиќ пишува за Бошњаци во Дримкол, Бугаринот Петар Јапов пишува за Српски Помаци во Босна, Јован Цвијиќ пишува за Исламизирани Срби или Помаци во Дебарска Жупа. Според Чилев Торбешите се идентични со Помаците а името го добиле од турскиот збор торба што може да се поврзе со турските броеви “дорт-беш“ односно четири – пет, со објаснение дека Торбешите четири –пет пати го менувале местото на живеење, и тн. Има уште многу хипотези но тоа бара повеќе простор и подолга и поширока научна елаборација. Да го споменам само уште Александар Стојановски кој изнесува и една друга верзија за поврзувањето на етнонимот Торбеш со зборот торба. Тој се повикува на податоците извлечени од тн. Muhimme defterleri , кои ги содржат записниците на Диванот, за кои познатиот турски историчар Узунчаршили во своето дело “Kapikulu Ocaklari”, соопштува дека за дел од припадниците на т.н. Acemi Ocagi (Корпус на кандидати за јаничари) се употребувал уште и називот “Torba Oglanlari” или “ Torba Acemileri”. Ова име доаѓало од таму што дефтерот–книгата во која биле регистрирани имињата на припадниците на овој корпус се чувале во специјална торба.
Некои од спомнатите хипотези се речиси без валидни аргументи и без научна основаност, некои имаат логика но не и доволно докази, некои се со политичка и идеолошка конотација, но сите тие заслужуваат внимание и треба да бидат предмет на истражување, односно не треба да бидат a priori отфрлени. Или, да го парафразирам Мартин Бернал, авторот на “Црна Атена, кој вели дека секој има право да ја пишува историјата.
Од сите спомнати хипотези, најраспространета, најзастапена, најиздржана и според многу истражувачи, најрпифатлива е тезата за богомилското потекло на Торбешите вклучувајќи ги тука и Бошњаците, Гораните и Помаците. Таа теза има и свои противници. Најмногу кај балканските православни истражувачи кои богомилството го гледаат како искривена христијанска секта а не како антипод и опонент на христијанството, еден монотеизам кој е близок на исламскиот монотеизам. Има и некои муслимани кои го делат истото мислење и одат дотаму што богомилството го поврзуваат со разни окултистички и мистички движења. Други пак го занемаруваат словенскиот карактер како на богомилството така и на Торбешите и другите доминантно јужнословенски муслимански заедници. Велам домонантно затоа што нема чиста народност ни националност, особено не на Балканот. Впрочем и поимот Словени е заедница, конгломерат на повеќе племиња и народи а не еден етникум. Но тоа е друга тема. Овде само ќе напоменам зошто сметам дека оваа теза е, како што напоменав, најраспространета, најприфатлива и научно најиздржана.
1. Поимот Торбеши претставува синоним за богомилите и е најстариот негрчки, словенски термин кој се појавува во 10 тиот век, а можеби и нешто порано.
2. Териториите на Балканот кои некогаш биле, а и сега се населени со муслимани кои говорат на некој од словенските јазици и дијалекти(Бошњаци, Горани, Торбеши, Помаци) речиси со геометриска прецизност се поклопуваат со тие на богомилите од порано.
3. Најголемиот број научници, како во минатото така и сегашните, се на тоа мислење. Да набројам само неколку: Томас Арнолд, Димитар Оболенски, Мехмед Ханџиќ, Фрањо Рачки, Доминик Мандиќ, Едит Дирхам, Димитар Ангелов, Јордан Иванов, Вера Стојчевска-Антиќ, Драгољуб Драгојловиќ, Назиф Докље, Фрањо Шијак, Драган Тaшковски, Бранко Панов, Маја Ангеловска – Панова, Иво Пилар, Никос Чаушидис и други.
Во прилог на тоа ќе презентирам и некои цитати од споменатите автори кои недвосмислено го потвдруваат тоа.
“Богомилството се јавува во Бугарска Македонија за време на цар Петар(+967), се чини под влијание на масилијаните или евхититеи дуалистичките павлиќани. Во грчките извори се јавуваат под иметo fundiagiagita(гр.founda= врќа, торба), а во словенските како бабуни или Торбеши.“ (Фрањо Рачки, Богомили и Патарени.)
“Овој назив (Торбеши, заб Ш. А), најдобро го има протолкувано М.Милетиќ, изведувајќи го од ‘kut-u-ger-os’-оној што носи торба, Торбеш. Во Македонија и денес народот ги вика Торбеши бидејќи постанале од Богомилите кои секогаш со себе носеле торба со Откровението на Свети Јован и прибор за јадење да не би се онечистиле од мрсните садови во туѓите куќи” ( Доминик Мандиќ, Богомилска црква босанских крстјана).
Постојат обиди етнонимот Торбеши и ова значење да се поврзат и со апелативот ’Кудугери’, за прв пат употребуван за bогомилите од копнената заднина на Солун, каде што се лоцира познатата друговитска еретичка заедница“ (Никос Чаушидис, Дуалистички слики.) “
Изнесени се претпоставки, прифатени од извесни историчари дека овој етноним(Торбеши, заб, Ш.А), е настанат како словенски превод на називот на малоазиските фундајајити, најверојатно дуалистичка секта блиска или идентична со масилијаните, т.е. евхитите, (базиран врз името на маниевиот ученик Фунда, или помалку веројатно на современиот италски град). Во средниот век овој назив добил паретимолошко толкување, поврзано со латинскиот корен funda,во значење на торба и најверојатно се копристел како погрден апелатив за Богомилите, кои често се движеле по патиштата носејќи со себе мала торба”. “ Во прилог на тоа“- вели натаму Д-р Чаушидис– “говори и поклопувањето на териториите во кои денес или во минатото егзистирале енклави на исламизирано словенско население со регионите кои, според историските и други сведоштва претставувале јадра на богомилството. Тука спаѓаат делови на Босна ,Херцеговина и околните подрачја ,делови од Западна и Јужна Македонија , регионот на Родопите во денешна Бугарија, веројатно и Санџак и Албанија, како и фактот дека етнонимот Торбеши под кој и денес се подразбира исламизирано славофоно мекедонско население, некогаш било најгусто населено на подрачјето на Западна Македонија (Река , Жупа , Дримкол , Кичевија), околината на Скопје, Тиквешката област и Беровско. (Истото.)
“Постои извесна можност дека современите Торбеши низ Македонија, кои што во 18 век конечно го усвоиле исламот за своја вера, се последни остатоци на богомилството во Македонија , кои што превоѓајќи во илсам го задржале своето старо име Торбеши“ (Драган Ташковски, Богомилството)
За богомилите се користат и други имиња кои се прошириле и имале масовна употреба. На тлото на Македонија и Србија за богомилите се користат имињата бабуни, кудугери, Торбеши. (Бранко Панов, Средновековна Македонија, т.3., Јордан Иванов, Богомилски книги и легенди)
Масилијаните или Еухитите, историски е потврдено, од Византијците биле преселувани во Тракија и од таму се распространиле по бугарските земји и тие допринеле во настанувањето на богомилската секта. Тоа ни го докажува и нивното име бидејќи некои богомили во Бугарија го носеле името Торбеши што одговара на грчкото име Фундити. (Иво Пилар, Богомилство као религиозни проблем.) Торбеши– назив за б’лгарите муслумани во Западна Македонија, во реонот на Шар планина, Скопско и Дебарско. Називот Торбеши е најстар од сите егзоними на Помаците. Тој произлегува од времето пред потурчувањето и е даван на павлиќаните и богомилите, еретици кои најлесно го примаат исламот. Павлиќаните и богомилите често носат торба за просење на рамо и затоа Б’лгарите ги нарекуваат Торбеши а Грците фудаити (од фунда-торба). Називот се задржува и по потурчувањето. (Јордан Иванов, Българитѣ въ Македония. Издирвания за тѣхното потекло, езикъ и народность“, София, 1917)
Има уште многу автори, кои можат да се наведат во овој контекст. Ќе ги споменам само уште двајца. Првиот е академик Александар Стојановски од Македонија, еден од најголемите познавачи и истражувачи на Османлискиот период во Македонија и Балканот. Работејќи на османлиската архивска граѓа, врз пописните книги(Tapu defterleri)кои се однесуваат на Македонија од XV век тој доаѓа до интересни податоци кои, не само што водат кон траги на богомилството во Турските пописни дефтери, туку и експлицитно и недвосмислено укажуваат на заедничката етногенеза на Торбешите, Помаците и Бошњаците. Станува збор за името Ахријан кое се среќава како придавка кон личните имиња. Дотогаш(70-тите години на минатиот век) се сметало дека тоа име е локален назив за Помаците во Бугарија. Тоа ги има истражувано бугарскиот научник Шишков поврзувајќи го со некогашната обласат на Родопите, Ахридос, со библиското име Агарјани, со старото трако-илирско племе Агријани крај реката Струма, со грчкиот збор Ахреос (нечесен, непогоден, неполезен човек), како и со турско-арапскиот збор Ахара-јан(оној кој последен го примил исламот), а го лиоцира само во пределите на Родопската област и го објаснува само како пежоративен назив со кој христијаните ги именувале муслиманите Помаци. Но истражувањата на Стојановски, Драољуб Драгојловиќ и особено босанскиот истражувач Недим Филиповиќ го демантират тврдењето на Шишков наоѓајќи низ пописните дефтери такво име и во Македонија и во Албанија и во Босна и тоа не само како придавка кон муслимански имиња туку и кај христијански, што упатува на заклучокот дека не станува збор за некој кој се “исламизирал“, уште помалку за некој од Родопската област. Врз основа на тие податоци од Турските дефтери овие научници ја прифаќаат претпоставката дека во лицето на Ахријаните се кријат остатоци или траги од еретичките движења на Балканот. Дотолку повеќе што тој назив неодоливо потсетува на еретиците Аријани (Ариј(е) –александрискиот презвитер анатемисан и прогласен за еретик на Никејскиот собор од 325 г.), апелатив под кој можат да се подразбираат богомилите.
Вториот е исражувачот од Албанија, од областа Кукска Гора. Неговото име е Назиф Докле, Торбеш од Албанија, кој е еден од најголемите поборници на тезата за богомилското потекло на Торбешите.“Кога се зборува за трагите на богомилите, во секој случај треба да се започне со називот ’Торбеши“-вели тој во предговорот на неговата книга “Богомилизам и етногенеза Торбеша Кукске Горе“ (превод на Босански јазик, др. Садик Идризи) и објаснува натака, како во 80-тите години на минатиот век бил изненаден и инициран да се посвети на тоа прашање, читајќи една статија на албанскиот истражувач Димитар Шутериќи кој го исползувал името Торбеш за да ја објасни етимологијата на топонимот Трбач(Влора, Валона) и повикувајќи се на византискиот историчар од XIV век Халкокондил и на бугарскиот истражувач Димитар Ангелов, изнесува мислење дека Торбеши е едно од имињата со кои се именуваат припадниците на богомилското движење кое се појавило во X век на просторот на бугарската држава односно во југозападниот дел на денешна Македонија. Во споменатата книга Назиф Докле, не само што дава многу етнолошки, социолошки, лингвистички, антрополошки и други аргументи во прилог на тезата за богомислкото потекло на Торбешите, туку пронаоѓа и остатоци од богомилски обреди и ритуали во многу суеверија, обичаи и адети во секојдневието на Торбешите од Гора и другите Торбешки региони на Балканот. Наместо заклучок: Наместо било каков заклучок од ова мое излагање сакам да потенцирам дека: Секој има право да го изнесе своето мислење, да пишува за историјата и да презентира на јавноста ставови, мислења и тези. Етнологијата е релативно нова и не е егзактна наука. Идентитетот не е состојба туку процес, а поединецот дури и заедницата може да има повеќе идентитети и тие со текот на времето се подложни на промени. Политичките влијанија и притисоци кои, како што напоменав во излагањето се присутни и денес и тие допринеле Торбешите различно да се декларираат и (само)определуваат и да водат спорови околу сопствениот идентитет. Во Македонија иако de fakto се признати(тројца народни пратеници Торбеши во Собранието) , de iure не се дел од Преамбулата на Уставот на Р. Македонија, што имплицира проблеми од аспект на учество во јавните и државните органи на управување, како и од аспект на интеграција на Торбешите во Македонското општество.










