Во американските медиуми и десничарските кругови сè повеќе се изнесуваат теории дека Израел можеби одиграл индиректна улога во убиството на конзервативниот влијателен човек Чарли Кирк, кој беше застрелан минатиот месец на универзитетски кампус во Јута.

Најновите протечени пораки и писмото што Кирк го испрати до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху само ги разгореа сомнежите. Во пораките, кои беа протечени во емисијата на Кандис Овенс и потврдени од портпаролот на Turning Point USA, Ендру Колвет, Кирк се пожали на притисок од „еврејски донатори“ и изрази фрустрација од она што го напиша како „контрола и вознемирување“ на кое бил подложен.

„Не можам и нема да бидам вознемируван вака“, напишал Кирк во WhatsApp група со блиски соработници. Во истите пораки се наведува и дека изгубил донација од 2 милиони долари затоа што одбил да го откаже појавувањето на Такер Карлсон на еден од неговите настани.

Во писмо до Нетанјаху, испратено неколку месеци пред неговата смрт, Кирк предупредли дека Израел „губи поддршка дури и меѓу американските конзервативци“ и дека понатамошната воена ескалација во Газа може да има „катастрофални последици за имиџот на еврејската држава во очите на помладата генерација“.

Кандис Овенс, долгогодишна пријателка на убиениот инфлуенсер, тврди дека пораките биле испратени „48 часа пред убиството“ и дека меѓу примателите имало лице „кое можеби однапред знаело што ќе се случи“. На социјалната мрежа X, таа алудираше дека „некои моќни луѓе во произраелските кругови не можеле да ги толерираат сè погласните критики на Кирк“.

Од друга страна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху цврсто ги отфрли сите инсинуации дека Израел можел да игра улога во убиството на Кирк. Во видео објавено на социјалните медиуми, Нетанјаху изјави дека ваквите тврдења се „монструозни лаги“ и „апсурдни теории што ги шират непријателите на Соединетите Американски Држави и Израел“.

Истрагата на ФБИ досега не пронашла докази што го поврзуваат Израел или која било произраелска организација со убиството. Главниот осомничен, 26-годишниот Тајлер Џејмс Робинсон, е идентификуван преку ДНК докази и снимки од безбедносните камери, но неговите мотиви сè уште не се целосно разјаснети.

Аналитичарите предупредуваат дека целиот случај би можел да се претвори во нов бран на дезинформации и антисемитизам, додека други тврдат дека пораките на Кирк сепак покажуваат длабока промена во ставот на дел од американската десница кон Израел.

Иако во моментов нема докази што ја потврдуваат тезата за вмешаност на израелски структури, прашањето за односот меѓу американската десница и Израел очигледно влегува во нова, турбулентна фаза.

Извори:Haaretz, The Guardian, Axios, Politico, Reuters, Jewish Louisville, New York Times.