Додека геноцидната војна на Израел против Појасот Газа влегува во својата трета година, се поставува итно прашање: дали премиерот Бенјамин Нетанјаху ги надмина своите претходници и стана најозлогласениот воен злосторник во историјата на Израел?

Ова обвинување не е само реторичко, бидејќи Јужна Африка поднесе тужба до Меѓународниот суд на правдата (МСП), обвинувајќи го Израел за извршување геноцид во Газа. Меѓународниот кривичен суд (МКС), исто така, издаде налог за апсење на Нетанјаху за воени злосторства и злосторства против човештвото против Палестинците во Газа.
Со десетици илјади убиени, цели населби срамнети со земја и меѓународни институции кои документираат систематски напади врз цивили, критичарите тврдат дека Нетанјаху можеби ја преминал границата што дури ни претходните израелски лидери, озлогласени по својата бруталност, не ја преминале.

Историја на насилство и раселување

Обвинението за геноцид не доаѓа од вакуум; тоа е вкоренето во долгата историја на војни, раселување и систематско насилство извршено од Израел против Палестинците.
Под водство на Давид Бен-Гурион, првиот премиер на Израел, војната од 1948 година, позната кај Палестинците како Накба или Катастрофа, резултираше со масовно раселување на 750.000 Палестинци и депопулација или уништување на над 400 села.

Планот Далет, воена стратегија осмислена во 1948 година, овластуваше операции насочени кон обезбедување еврејска контрола врз спорните области, честопати преку протерување или заплашување на палестински цивили. Инциденти како масакрот во Деир Јасин во април 1948 година, каде што ционистичките милиции убија над 100 селани, станаа симболични за поширокото насилство од тој период.

Израелскиот академик Неве Гордон изјави дека единствениот израелски лидер кој може да се спореди со Нетанјаху е Бен-Гурион, под чие водство беше спроведена Накба, за време на која, вели тој, беа протерани 750.000 Палестинци, а околу 13.000 беа убиени.
– Денес имаме ситуација каде што речиси 1,9 милиони луѓе се раселени, многу повеќе од еднаш, околу десет пати. Имаме над 66.000 убиени, вклучувајќи повеќе од 18.000 деца. И тоа е без да се бројат исчезнатите и оние под урнатините – рече Гордон.

Ариел Шарон и наследството на неказнивоста

Ако Бен-Гурион ги постави темелите за раселување, Ариел Шарон ја отелотвори употребата на огромна сила и непочитувањето на цивилниот живот. Како командант на 101-та единица, Шарон го предводеше озлогласениот напад во селото Кибија на Западниот Брег во 1953 година, каде што израелските сили убија 69 цивили, претежно жени и деца, и срушија повеќе од 40 куќи.

Речиси три децении подоцна, како министер за одбрана за време на израелската инвазија на Либан во 1982 година, Шарон повторно стана синоним за злосторства. Откако израелските сили ги опколија бегалските кампови Сабра и Шатила во Бејрут, сојузничките милиции масакрираа повеќе од 3.000 палестински цивили, според Интерактивната енциклопедија на палестинското прашање.
Израелската комисија Кахан го прогласи Шарон индиректно одговорен за игнорирање на заканата од масакри и непостапување за нивно спречување. Иако поднесе оставка од функцијата министер за одбрана, подоцна стана премиер, кого многумина во Израел го паметат како „Булдожерот“.
За Палестинците и поголемиот дел од арапскиот свет, Шарон претставуваше неказнивост, човек вмешан во масакри и проширување на населбите, кој никогаш не беше изведен пред лицето на правдата. Неговата кариера илустрира како израелските лидери можат да бидат критикувани дома, а сепак политички славени, без меѓународна одговорност.
Досието на Нетанјаху

За разлика од Бен-Гурион, Нетанјаху не е основач на државата; за разлика од Шарон, тој не е воен командант со неколку озлогласени епизоди. Неговата озлогласеност доаѓа од должината на неговото владеење и кумулативниот обем на уништувањето под негово водство.
Како најдолгогодишен премиер на Израел, Нетанјаху надгледуваше серија војни против Газа, вклучувајќи ги 2008-09, 2014, 2021 година и геноцидот што започна по октомври 2023 година.
Според проценките на Обединетите нации, повеќе од 40.000 Палестинци беа убиени во првата година од бомбардирањето и копнените офанзиви, повеќето од нив жени и деца. Цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги болниците, училиштата, универзитетите и водните капацитети, беше систематски уништена.

Во говорот од декември 2023 година, Нетанјаху повика на уништување на народот Амалик, што критичарите го протолкуваа како дехуманизирање на Палестинците и оправдување за истребување.
– Нивото на насилство, уништувањето на целиот здравствен систем во Газа, образовниот систем, универзитетите, институциите на владата, тоа ниво на насилство е без преседан. Нетанјаху е лидер кој навистина врши геноцид. И за тоа, се надевам дека ќе му се суди во Хаг – истакна Гордон.

Ера на меѓународна одговорност
Она што го прави Нетанјаху посебен е комбинацијата од обем на криминал, намера и глобален надзор. Во времето на Бен-Гурион, меѓународното право беше во повој. Шарон се соочи само со домашна истрага во 1980-тите.
Нетанјаху, пак, работи во ера на моментална документација, секој напад евидентиран, секоја изјава архивирана, меѓународните судови активно вклучени.
МСП веќе издаде привремени мерки со кои му се наредува на Израел да спречи геноцидни акти – мерки што Нетанјаху ги игнорираше. Во меѓувреме, МКС истражува израелски функционери, вклучувајќи го и Нетанјаху, за воени злосторства и злосторства против човештвото.
„Во неговиот случај, меѓународната одговорност би значела дека тој прво ќе биде уапсен, а потоа изведен пред суд во Хаг, каде што ќе му се суди за уништувањето на Газа“, рече Гордон.
„Мислам дека судот би го прогласил за виновен и дека ќе го помине остатокот од својот живот зад решетки. Не мислам дека тоа всушност ќе се случи, но тоа би била фер пресуда“, додаде тој.

Извор:Фактор