Министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен Гвир, го потврди извештајот на Канал 12 за забраната учење на езан, исламскиот повик за молитва, преку звучници во џамиите.
Бен Гвир на платформата X објави дека е „горд“ на воведувањето на политиката, тврдејќи дека тоа ќе стави крај на „неразумната врева од џамиите, која стана опасност за народот на Израел“.
Според неговата наредба, израелската полиција ќе има овластување да влезе во џамиите и да ги конфискува звучниците доколку се утврди дека биле користени за учење на езанот. Џамиите кои ќе ја прекршат забраната ќе бидат казнети.
Бен Гвир, ултра-националистички политичар и претседател на екстремно десничарската партија Еврејска моќ, е познат по своето контроверзно минато. Во младоста 50 пати беше обвинет за поттикнување насилство и говор на омраза, а во 2007 година беше осуден за помагање на терористичка група и поттикнување расизам.
Неговата последна политика беше остро осудена од членовите на израелската опозиција. Лабуристичкиот пратеник Гилад Карив нагласи дека Бен Гвир „и се заканува на државата Израел“.










