Централна Европа се подготвува за најтешките поплави во последните децении поради минувањето на циклонот Борис, кој се очекува овој викенд.
Според чешките и полските метеоролози, во некои области на нивните земји може да наврнат и до 400 литри дожд на метар квадратен во следните четири дена, а во Австрија и Словачка околу 200 литри.

Културните манифестации закажани за викендов се откажани во тие четири земји поради најавеното поминување на циклонот. Се испразнија ретенциите за прием на вода, пред се кај браните, за да можат да добијат толку многу вода. Во Полска се објавени метеоролошки сигнали за југот на земјата, пред се градовите на Одра како Вроцлав и Ополе.

„Постои реален ризик од локални поплави во петок и недела“, предупредија полските метеоролози.

Во Вроцлав, кој има 675.000 жители, општината формираше кризен штаб. Според чешкиот министер за животна средина Петар Хладик, ситуацијата во земјата „може да биде слична на онаа од 1997 и 2002 година“.

Поплавите од 1997 година ја погодија Моравија, на истокот на Чешка. 50 луѓе загинаа со неколку милијарди американски долари штета. Токму во тој регион и овој пат се очекуваат најлоши врнежи. Во 2002 година, поплавите го погодија западниот дел на земјата, однесоа 17 животи и предизвикаа уште поголема штета отколку во 1997 година.

Градовите во Моравија подигнаа бариери за поплави и подготвија вреќи со песок во пресрет на невремето, кое ќе биде придружено со ветрови до 100 километри на час. Откажани се десетици културни настани во регионот, вклучувајќи го и годишниот фестивал на виното во Знојмо, кој привлекува десетици илјади посетители. Откажан е и римскиот фестивал во Карнунтум во Австрија.

Според австриската телевизија ORF, нивото на водата на Дунав би можело да се искачи на нивоа што не се забележани пет до десет години. Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека армијата е подготвена да распореди и до илјада војници доколку е потребно. Во состојба на готовност се и словачката армија и доброволните пожарникари.

(Vijesti.ba)