Франција е десничарска земја и треба да има десничарски премиер, изјави поранешниот француски претседател Никола Саркози.

„Вонредните избори во Франција и изборите за Европскиот парламент покажаа дека Франција е десничарска земја и десничарските партии мора да преземат одговорност“, изјави Саркози во интервју за весникот Фигаро, пренесува Танјуг.

Поранешниот претседател на Франција во периодот од 2007 до 2012 година ја повика конзервативната десничарска Републиканска партија, која тој ја основа, да се заложи за именување на десничарски премиер.

„Франција е десничарска земја која истовремено се соочува со политичка, социјална и финансиска криза. Не постои идеално решение. Политичките сили мора да го разберат тоа“, додаде Саркози и ги повика политичките партии да постигнат компромис во интерес на државата.

Франција е без нова влада речиси два месеци откако францускиот претседател Емануел Макрон распиша предвремени избори во јуни кои резултираа со хаотичен исход во кој ниту една партија не освои доволно места за да обезбеди мнозинство во Парламентот.

Макрон претходно оваа недела одби да го назначи кандидатот на левичарската коалиција Луси Кастес за премиер, велејќи дека тоа ќе доведе до нестабилност и во вторникот започна нова рунда разговори со политичките лидери.

(Vijesti.ba)