Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги демантираше изјавите дека ќе биде прогласен општ прекин на огнот во Појасот Газа заради вакцинација против детска парализа.
– Лажни се извештаите дека во Газа ќе има општ прекин на огнот заради администрирање на вакцината против детска парализа – соопшти кабинетот на израелскиот премиер.
Во соопштението се наведува дека Израел ќе дозволи хуманитарен коридор низ кој ќе може да минуваат само материјални залихи, а ќе бидат обезбедени и безбедни приватни простори за администрирање вакцини за неколку часа.
Министерството за здравство во Газа започна кампања за вакцинација против детска парализа во јужниот дел на Појасот Газа, конкретно насочена кон децата под 10-годишна возраст.
Кампањата започна во саботата во Кан Јунис, со цел до 12 септември да се вакцинираат повеќе од 90 отсто од децата во сите региони на Газа.
Кампањата за вакцинација, која се спроведува во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), УНИЦЕФ и Агенцијата за помош и работа на Обединетите нации за палестинските бегалци (УНРВА), започна во болницата Насер по заедничката прес-конференција на овие организации.
Кампањата доаѓа во време на тешка хуманитарна криза во Газа, каде што тековните судири и блокади доведоа до недостиг од храна, чиста вода и медицински материјали. Влошувањето на состојбите ја зголеми загриженоста за можни епидемии на болести, вклучително и полио.
Итноста на кампањата беше нагласена со потврдата на првиот случај на детска парализа во Газа кај 10-месечно дете минатиот месец. На 16 август, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш повика на седумдневен хуманитарен прекин на огнот за да се овозможи вакцинирање на 640.000 деца, барање поддржано од УНРВА.
Кампањата за вакцинација против детска парализа се одвива во позадина на израелските воени напади во Газа, кои резултираа со повеќе од 40.600 смртни случаи на Палестинци и повеќе од 93.800 повредени од 7 октомври.
1
