Премиерот Ковачевски две години гаснеше пожари – економски, енергетски, социјални… Иако вети откочување на евроинтеграциите, земјата само со една нога се приближи кон ЕУ, а од Брисел нотираат сериозна загриженост за корупцијата и политичките притисоци во судството. За време на мандатот не отвори некој стратешки проект, а и покрај сеприсутноста во јавноста, не се прослави со висок рејтинг.
Две години откако во Собранието беше избрана нова Влада на чело со премиерот Димитар Ковачевски, тој треба да ја напушти функцијата.
Од кормилото на Владата си заминува во време кога Европската унија изрази сериозна загриженост за судство и корупцијата и кога Соединетите Американски Држави, како најголем стратешки партнер, ја прошириjа и надградија „црната листа“ со бизнисмени, поранешни и сегашни политичари од земјата.
Тој си заминува во услови кога граѓаните бараат повисоки плати и пензии, оти кризата сериозно им го испразни џебот. За граѓаните имаше зголемување на платите и пензиите за неколку проценти, додека функционерските плати се зголемија за речиси 80 отсто.
За време на владеењето на Ковачевски не беше пуштен ниту еден голем стратешки проект, како автопат, хидроцентрала, пруга, а тука се и евергрин проблемите во здравството, образованието, судството…
Во поголем дел од државата луѓето се борат за свеж воздух, други, пак, се туркаат да добијат нови лични документи, во недостиг на термини и обрасци. Ученици немаа учебници, а кога ја завршија годината немаа свидетелства. Лекови се бараа на протести. Протестираа и оние со ретки болести, чии лекови чинат милиони, но и оние со дијабетес, кои со месеци чекаа глукометри и ленти.
Ковачевски не беше избран на избори, туку го наследи премиерското место од Зоран Заев, кој се повлече од функцијата по поразот на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година.
Повеќе на РСЕ








