Случајот со упадот во М-НАВ е уште еден доказ за „вандализмот„ од редовите на ДУИ, вели за РСЕ аналитичарот Атанасоски. Коалициониот партнер СДСМ молчи, опозицијата не е изненадена. Додека „македонското небо“ е во неизвесност, Владата ќе чека да поминат празниците па да менува директори како единствена мерка.
„Поздрав за премиерот Артан Груби“, рече Беким Незири на 13 ноември 2023 година, кога беше избран за претседател на огранокот во Чаир на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Тој во моментов е вработен како советник во државното претпријатие за воздухопловна навигација М-НАВ, бил поранешен министер за економија од редовите на ДУИ во Владата на Никола Груевски, претходно директор на Фондот за пензиско осигурување, а претходно директор и член на управен одбор во М-НАВ.
Патот повторно го донесе во навигацијата каде од вчера освен за советник, се сомничи за „отворач“ на вратите на уште седуммина насилници кои заедно со него нападнаа свои тројца колеги, контролори на летање.
Од изутрината е на службен разговор во полициска станица, бидејќи вчера попладне наводно упаднал во просториите на Меѓународниот аеродром – Скопје. Според соопштението на МВР, токму Незири бил посочен од неговите колеги како човекот кој заедно со уште неколкумина нападнале контролори на летање.
Неофицијално причината за ова е зошто не биле лојални на партијата, туку дале поддршка на синдикатот кој претходно во текот на вчерашниот ден одржа прес конференција на која најави оставки на раководните контролори поради партиски и несоодветни вработувања во институцијата. Во станица се уште четворица осомничени напаѓачи, а полицијата трага по уште тројца, но според неофицијални информации сите се поврзани со ДУИ, партијата која е дел од владејачката коалиција.
После ваквото однесување, аналитичари коментираат дека ДУИ е „метастазиран институционализиран канцер“ во сите административни пори. Политикологот Благојче Атанасоски вината ја гледа во сите политички елити и од левицата и од десницата, кои изминативе две децении само за да дојдат или останат на власт, постојано коалицираат со оваа политичка партија како т.н „победник во албанскиот политички блок“.
„Тоа постојано перпетуирање на ДУИ во секоја извршна власт , ја направи нејзе како политички субјект и нејзиниот лидер во буквална смисла на зборот да се чувствуваат како „господари на животот и смртта“ во Македонија. Затоа имавме смртни исходи и во случаите со БЕСА транс и ДУРМО Турс, а ако државата со своите механизми не го спречи ова варварско и дивјачко однесување на активисти и функционери на ДУИ, ќе имаме и фатални последици и со срушени авиони од нашите воздухопловни пристаништа“, вели Атанасоски.
Извор:РСЕ










