„Турција и соопшти на САД дека нејзиниот став за конфликтот меѓу Израел и Хамас негативно влијаеше на нејзиниот углед и ја стави целата светска заедница во тешка позиција“, објави Хуриет.
Според турскиот весник, Анкара ја пренела пораката за време на средбата меѓу министерот за надворешни работи Хакан Фидан и државниот секретар Антони Блинкен во понеделникот, на која се зборуваше за актуелната криза на Блискиот Исток.

Средбата се одржа во услови на зголемени тензии меѓу Турција и Израел, клучниот сојузник на Вашингтон во регионот, при што претседателот Реџеп Таип Ердоган неодамна ја обвини еврејската држава за „воени злосторства“ во Газа и ја осуди нејзината копнена офанзива како „отворен, злобен масакр“.

Израел останува на ставот дека нема намера да му наштети на цивилното население во палестинската енклава, нагласувајќи дека негова главна цел е да го порази Хамас, кој изврши ненадеен напад врз земјата на 7 октомври.

„Хуриет“ тврди дека Фидан и неговата делегација „јасно му објасниле“ на Блинкен што се случува во Газа и дека американското ветување дека ќе застане на страна на Израел, иако го отфрла повикот за прекин на огнот, „сите ги става во неволја“.

„Вие, исто така, го ставате на ризик вашиот сопствен углед бидејќи ве гледаат како заштитник на злосторствата што ги прави Израел“, наводно изјавила делегацијата.

По средбата, двете страни не излегоа со заедничка изјава, ниту пак одржаа заедничка прес-конференција. Сепак, Блинкен, зборувајќи за новинарите, рече дека имал многу „продуктивен“ разговор со Фидан, вклучувајќи ја и потребата од „значително проширување на хуманитарната помош“ во Газа и избегнување на ескалација на конфликтот.

Неговите изјави дојдоа откако американскиот претседател Џо Бајден повика на хуманитарна „пауза“ во непријателствата. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна посочи дека неговата влада е отворена за „мали паузи“ во борбените операции.

Откако Хамас го нападна Израел минатиот месец, одговори со воздушни и ракетни напади врз Газа, најавувајќи „целосна опсада“ на енклавата. Досега во борбите загинаа повеќе од 10.000 Палестинци и повеќе од 1.400 Израелци.

Во меѓувреме, Политико во понеделникот објави дека група американски дипломати од ниско и средно ниво ја повикале администрацијата на Џо Бајден да го осуди израелското бомбардирање на цивили и да повика на прекин на огнот. Тие, наводно, тврделе дека неуспехот да се стори тоа „придонесува за регионалното јавно мислење дека САД се пристрасни и нечесни“.