Сега веќе е кристално јасно – бурата „Даниел“ ја уништи Либија до непрепознатливи размери.

Градот Дерна беше најпогоден од ова невреме, кое претходно ја опустоши Грција. Дерна сега е претворена во масовна гробница каде телата лебдат на сите страни, спасувачите не можат да стигнат до секого, а жителите упатуваат потресен крик – „немаме доволно вреќи за мртвите“.

Најмалку 34.000 луѓе во областите погодени од поплавите во Либија се раселени од своите домови, соопшти Меѓународната организација за миграција на ОН.

Најпогоден е пристанишниот град Дерна, каде бурата „Даниел“ предизвика пукање на две брани, а во моментов се раселени 30.000 жители. За ситуацијата да биде уште полоша, се стравува дека во страшните поплави исчезнале најмалку 30.000 луѓе.

Организацијата рече дека им треба засолниште и непрехранбени производи, но дека добивањето помош за погодените семејства е предизвик бидејќи повеќето патишта во регионот останале поплавени, попречени или уништени.

„Судниот ден“

Новинарот Џор Али, кој живее во Истанбул, но неговото семејство е во неговата родна земја, вели дека ситуацијата потсетува на „судниот ден“.

„Сите велат дека тоа е како суден ден. Врисоци на деца, трупови по улиците…“.

Тој објаснува дека разговарал со семејство кое биле единствените преживеани од поплавите во нивното соседство.

„Тие ја опишаа ситуацијата кога се случија поплавите, велејќи дека жената висила на осветлувањето бидејќи водата ја однела. Таа остана таму и почина. Тие беа очевидци на тоа, го видоа својот внук мртов на улица“.

Луѓето велат дека количината на вода е неопислива, вели Али.

„Десетици илјади се или мртви или под земја. Водата ја однела земјата од под нив и ги фрлила во морето“.

Ахмед Бајрам, кој е дел од тимот за одговор на Норвешкиот совет за бегалци во Либија, вели дека она што им е најпотребно на спасувачите сега е храна, како и млеко за бебиња.

„Најголеми потреби засега се храна, вода, хигиенски објекти, млеко за бебиња, лекови за луѓето кои изгубиле се што имале преку ноќ. Ќе испратиме дури и торби за тело. Мораме да почнеме од нула бидејќи ситуацијата е многу очајна и овие луѓе немаат ништо со себе“.

Бајрам посочува дека тие се на линијата на фронтот откако ќе се спроведат спасувачките операции.

„Ние се координираме со локалните жители на теренот за да ги разбереме нивните потреби – колку луѓе се убиени, колку се исчезнати. Тоа ќе биде огромна катастрофа за либискиот народ“, рече тој, пренесува Нова.рс.

Болниците во хаос

Многу клиники и болници во источна Либија се преплавени од повредени од поплавите, соопшти хуманитарниот Меѓународен комитет за спасување.

Некои пациенти се евакуираат во други градови, но со прекин на телефонските линии и уништени патишта и мостови, напорите на медицинските работници во погодените области се недоволни.

„Амбулантите се таму, но предизвиците на физичкиот пристап и потребата од логистичка поддршка им отежнуваат на здравствените волонтери да стигнат до погодените области“, вели Ели Абуаун, директор на добротворната организација.

Скок во бројот на жртвите

Меѓународно признатата влада во Триполи соопшти дека загинале најмалку 2.300 луѓе, додека источната администрација – која ја контролира Дерна – соопшти дека се пронајдени повеќе од 5.300 тела.

Илјадници сè уште се водат како исчезнати, а министер од источната администрација изјавил: „Морето постојано исфрла десетици трупови“.

Стигна одредена помош, но додека земјата се бори со поделените политички администрации на исток и запад, либискиот премиер во Триполи рече дека ќе ја прифати само „неопходната помош“.

Лекар од источниот либиски град Бенгази пристигнал во Дерна да помогне и вели дека тој и неговите колеги биле шокирани од она што го откриле.

„Гледаме огромен број трупови низ целата област. Тоа е целосна катастрофа. Навистина сум шокиран“, изјави доктор Анас.

Луѓето во пристанишниот град беа толку трауматизирани што не можеа ни да плачат, рече тој.

Многу тела се поставени на улиците за да можат роднините да ги идентификуваат своите најблиски, пред да бидат погребани во ископани гробови.

(Vijesti.ba)