Шведската полиција соопшти дека издала дозвола за протест на кој организаторот планира да ја запали муслиманската света книга Куранот, пред главната џамија во Стокхолм, на почетокот на тридневниот муслимански празник Курбан Бајрам. Во писмената одлука, полицијата навела дека безбедносните ризици поврзани со горењето „не биле од таква природа што, според важечките закони, би можеле да ја оправдаат одлуката за одбивање на барањето“, пренесува AFP.

Зеленото светло дојде две недели откако шведскиот апелационен суд ја отфрли полициската одлука за одбивање на дозволи за два демонстрации во Стокхолм кои вклучуваа палење на Куранот. Полицијата потоа ги наведе безбедносните грижи како причина за одбивањето, по палењето на муслиманската света книга пред турската амбасада во јануари, што доведе до неколкунеделни протести, повици за бојкот на шведските стоки и дополнително ја закочи кандидатурата на Шведска за членство во НАТО.

Турција, која ја блокираше кандидатурата поради, како што гледа, неуспехот на Стокхолм да ги сузбие курдските групи што ги смета за „терористи“, особено се навреди поради полициското одобрување на ваквите протести во јануари. Полицијата потоа забрани две последователни барања за протести кои вклучуваат палење на Куранот – едно од приватно лице и едно од организација, пред турската и ирачката амбасада во Стокхолм во февруари.

Апелациониот суд во средината на мај пресуди дека полицијата згрешила што ги забранила, велејќи дека „проблемите со редот и безбедноста“ наведени од полицијата немаат „доволно јасна врска со планираниот настан или неговата непосредна близина“. Барањето за протести во средата го поднесе истото приватно лице чие претходно барање беше блокирано. Сакам да протестирам пред големата џамија во Стокхолм и сакам да го кажам своето мислење за Куранот… Ќе го искинам Куранот и ќе го запалам“, напишал Салван Момика (37). Полицијата денеска соопшти дека повикала засилување од целата држава за одржување на редот. Дописникот на АФП јави дека неколку полициски автомобили веќе биле паркирани во близина на џамијата рано утринава. Шведските политичари го критикуваа палењето на Куранот, но и цврсто го бранеа правото на слобода на изразување.

(ТБТ)