Пркосејќи им на ограничувањата наметнати од Израел, стотици илјади Палестинци од окупираниот Западен Брег маршираа до џамијата Ал Акса на втората петочна молитва во светиот муслимански месец Рамазан, јавува Anadolu.
„Околу 250.000 верници клањаа петочна молитва во џамијата Ал Акса“, изјави за Анадолу шеикот Азам ал-Катиб, шеф на Одделот за исламски донации во Ерусалим.
Бројката е значително повисока од минатонеделните 100.000. Толпата почна да се собира уште од раните утрински часови, додека израелските власти соопштија дека 2.000 безбедносни лица се распоредени во источен Ерусалим. Мохамед Ахмад Хусеин, големиот муфтија на Ерусалим, во својата проповед предупреди за можните израелски акции во џамијата Ал Акса за време на еврејската Пасха, која ќе се слави меѓу 5 и 12 април.
Израелските сили им забранија на мажите помлади од 55 години од Западниот Брег да влезат во џамијата Ал Акса. Израел најави дека ќе им дозволи само на жените, децата и мажите на возраст над 55 години да влезат во џамијата Ал Акса без дозвола во текот на месецот Рамазан. Многу малку луѓе од Појасот Газа добија дозволи да влезат во Источен Ерусалим за време на светиот месец.
Џамијата Ал Акса е третото најсвето место во светот за муслиманите. Евреите ја нарекуваат таа област „Храмски рид“ и тврдат дека таму во античко време имало два еврејски храма. Израел го окупираше Источен Ерусалим, каде што се наоѓа Ал Акса, за време на арапско-израелската војна во 1967 година. Потоа, во 1980 година, тој го анектира целиот град, кој никогаш не беше признат од меѓународната заедница.
(ТБТ)









